Економист пишува: Овие 5 луксузи Европа повеќе нема да може да си ги дозволи

Точка

05/05/2025

20:34

1.622

Големина на фонт

а а а

„За сè да остане исто, сè мора да се промени.“ Таа мисла од Леопардо, романот на Џузепе Томази ди Лампедуза за благородниците од 19 век кои се обидуваат да ги задржат своите привилегии додека во Сицилија беснее револуција, точно ја опишува европската дилема во 21 век, пишува „Економист“ во анализата која во продолжение следува:

Земјите што некогаш владееја со големи делови од планетата сега со вознемиреност гледаат како нивните поранешни колонии ги достигнуваат – или дури и ги престигнуваат. Јасно им е дека промените се неопходни. Сепак, Европа честопати се чини дека е неподготвена да се приспособи на светот кој се менува, како што некогаш беше случајот со декадентната италијанска аристократија.

ЕУ е во криза

Европската Унија, срцето на континентот, на необичен начин го негува верувањето дека може да се промени само кога е принудена од кризи. Затоа е клучно да разбере дека денес всушност е во криза. Со години се потпираше на кинескиот пазар за раст, на рускиот гас за напојување на индустријата и на американската воена моќ за безбедност.


По три години војна во Украина и три месеци агресивен пристап на Доналд Трамп во Америка, ЕУ беше потресена. Во таков нестабилен свет, Европа мора да прифати промени. Како благородничко семејство кое доцна сфаќа дека мора да отпушти некои од своите слуги за да остане солвентно, Европа треба да започне со напуштање на луксузните политики што повеќе не може да си ги дозволи.

Време е за позрел однос со Велика Британија

За почеток, тука е односот на континентална Европа со Британија. Судирите со островскиот противник станаа еден вид на тајно задоволство на ЕУ, откако Велика Британија стана првата членка што ја напушти Унијата во 2020 година. ЕУ се однесуваше доста строго кон Велика Британија, делумно за да ги обесхрабри другите земји да се обидат да го сторат истото.

Но, тој аргумент повеќе не важи: Брегзит сега се покажува како предупредување, а не како пример што треба да се следи. Сепак, и покрај безбројните најави за „нови почетоци“ во односите, удирањето по „les rosbifs“ (како што Французите ги нарекуваат Британците) е сè уште на дневен ред. Ова е луксуз што Европа повеќе не може да си го дозволи.


Велика Британија има воена, геополитичка и индустриска тежина што може да го зголеми европското влијание во Украина. Се очекува на самитот на 19 мај да се постигне согласност Велика Британија да учествува во програмите на ЕУ за вооружување на Европа.

Но, со недели договорот беше блокиран бидејќи од Велика Британија се бараше да се согласи на отстапки во сосема неповрзани области. На пример, Франција инсистира правата за риболов да се решат пред прашањата поврзани со одбраната.

Европа мора да престане да ги поставува правилата за светот

Начинот на кој Европа се однесува кон подалечните земји, исто така, изгледа самодоволен. Со години, ЕУ се обидуваше да ги наметне своите правила – за животната средина, работните услови и бројни други теми – далеку надвор од своите граници.


Но сега кога ЕУ мора да склучи бројни трговски договори за да го компензира американскиот протекционизам, а ова е и тоа како нејзин проблем. Европа е сила во опаѓање во глобалната економија. Преправањето дека не е е луксуз што повеќе не може да си го дозволи.

Повеќе трговија во рамките на Унијата наместо во Америка

Некои од бирократските пречки веќе се отстрануваат. Но, многу повеќе од нив би можеле да се отстранат – особено во самата ЕУ. Доколку повеќе не можат слободно да тргуваат со Америка, 27-те членки на ЕУ би можеле да ја зголемат меѓусебната соработка. Сепак, административните бариери за трговија со услуги меѓу земјите-членки сè уште се еквивалентни на царини од 110%, според ММФ.


Нарачувањето – и игнорирањето – на обемни студии за подобрување на единствениот европски пазар е нешто како света традиција. За жал, тој е сè уште жив.

Речиси секое биро во Брисел е оптоварено со сè попрашлив извештај од 400 страници составен минатата година од Марио Драги, поранешниот италијански премиер, полн со разумни предлози за тоа како да се продлабочи економската интеграција. Речиси ништо од ова не било имплементирано.

Демографија – крахот што Европа го игнорира

Една особено декадентна европска навика е одложување на решавањето на проблемите сè додека не станат толку сериозни што ќе бидат исклучително скапи за решавање. 


Да разгледаме еден пример за демографијата. Во 1980 година, Европа имаше околу пет лица на работоспособна возраст кои „финансираа“ еден пензионер. Денес има три, а до 2050 година тој сооднос ќе се намали на две лица во работоспособна возраст за секој еден пензионер.

Штедење на одбрана

Впрочем, најхедонистичката навика на Европа во последните децении е штедењето на одбраната. Уживањето во „дивидендите од мирот“ по Студената војна остави повеќе пари за социјални програми.


Неколку земји, како што се Италија и Белгија, дури сега се обидуваат да ги исполнат целите на НАТО за трошоци за одбрана од 2% од БДП, договорени уште во 2014 година.

Време е за нови приоритети

Откажувањето од полисите за луксуз не е само по себе лошо. Всушност, тоа овозможува да се посвети поголемо внимание на она што е навистина важно. Целите на ЕУ за намалување на емисиите на стакленички гасови на нула до 2050 година се скапи, но неопходни, иако некои други зелени регулативи треба да се преиспитаат.


Помагањето на Украина не е луксуз, напротив. Ниту пак е финансирањето на социјалниот систем, кон кој многу Европејци се длабоко приврзани. Но, за да се фокусираме на она што навистина има смисла, мора да разбереме дека промените во светот бараат и промени во приоритетите, заклучува „Економист“ во својата анализа.