Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, рече дека Владата се стреми кон компромис кој ќе биде рационален за да се откочи патот кон Европската Унија. Тој е дециден и дека е крајно време е да престанеме да преговараме за идентитетски прашања со било кого како држава, а се осврна и на владината позиција да се стави крај на билатеризацијата на европската интеграција која ако стане пракса ќе предизвика штета на целиот регион.
„Нашите позиции се да се стави крај на билатеризацијата на европската интеграција и нешто што го повторувам дека создавањето на пракса на билатерализација штети на целиот регион. Процесот на проширување нема да биде конечен без интеграција на целиот регион“, рече Муцунски, одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи на Црна Гора, Ервин Ибрахимовиќ.
Шефот на македонската дипломатија изјави и дека посветеноста кон европската интеграција треба да престане да се мери по капацитетот на отстапките на било која влада по однос на националните прашања.
„И што доколку утре се прифати тоа што се бара од нас? Што доколку утре се случат уставните измени и за шест месеци повторно сме во иста ситуација. И повторно ќе треба и дијалог и разговори и повторно ќе биде закочен процесот на преговори. Ги следам и пораките коишто доаѓаат дека реформската агенда доколку се исполни ја врши и дел од работата на самите преговори. Притоа, нагласувам, не мислиме како Влада дека реформската агенда може да го замени процесот на преговори, тоа е далеку од нашата позиција. Но реформската агенда првин може да биде трансформативна за целата држава, а второ ќе ја покаже и на дело нашата посветеност кон европската интеграција“, рече Муцунски.
Тој изрази и надеж дека европскиот парлмент ќе ја продолжи традицијата на извештаи коишто се позитивни кон напредокот врз основа на мерит критериумите за членство во Унијата.