Наталија Тариен била во третиот триместар од бременоста кога една вечер почувствувала необична напнатост во вилицата. Наместо истото да го игнорира, таа решила да го праша „ChatGPT“: „Зошто ми е напната вилицата?“.
Одговорот што го добила воопшто не бил случаен, а четботот и предложил да го провери притисокот.
Наталија потоа го измерила притисокот и открила дека бил опасно висок. Во рок од 30 минути, „ChatGPT“ ја убедил да повика итна помош. Кога пристигнала во болница, нејзиниот крвен притисок бил 200/146. Лекарите веднаш решиле да направат итно породување и ја предупредиле дека можеби немало да ја преживее ноќта доколку не дошла во болница. За среќа, на крајот и мајката и бебето биле добро.
Оваа приказна стана вирална, со повеќе од 29 милиони прегледи и предизвика лавина коментари од идните и сегашните родители. Многумина се препознале во игнорирањето на малите, невообичаени симптоми за време на бременоста.
Прееклампсијата е сериозна компликација која се јавува по 20-та недела од бременоста и вклучува висок крвен притисок, често без очигледни симптоми. Ако не се лекува, може да доведе до напади, мозочен удар, откажување на органите, па дури и смрт на мајката или детето. Според Американскиот колеџ за акушери и гинеколози, хипертензивните нарушувања влијаат на два до осум проценти од сите бремености.
Проблемот е што симптомите можат да бидат многу суптилни, како напнатост во вилицата, отекување на лицето или рацете, заматен вид или само чувство дека „нешто не е во ред“. Во третиот триместар, кога и онака се чести различните непријатни чувства, многу лесно може да не им се посвети потребното внимание.
Бременоста е полна со чудни и нови чувства, но токму затоа е тешко да се процени што е нормално, а што е потенцијално опасно. Во случајот на Наталија, напнатоста во вилицата бил првиот знак за сериозна состојба.
Според Центрите за контрола и превенција на болести, дури 80 отсто од смртните случаи поврзани со бременост би можеле да се спречат доколку симптомите се препознаат и навреме се третираат. Токму затоа лекарите апелираат: слушајте го вашето тело и не плашете се да кажете кога нешто не е во ред, без разлика колку тоа изгледа безначајно.
Важно е да се нагласи дека „ChatGPT“ не ѝ дијагностицирал прееклампсија, но понудил предлог што довел до клучна реакција. Алатките за вештачка интелигенција можат да бидат корисен потсетник, но не можат да го заменат лекарскиот преглед.
Тие не ја знаат вашата медицинска историја ниту можат да ги направат тестовите. Во иднина, вештачката интелигенција би можела да помогне преку персонализирано следење на симптомите, потсетници за прегледи или информативни совети, но таа е тука како поддршка, а не како замена за вистинската медицинска нега.