[ВИДЕО] Левица поднесе интерпелација за Тошковски

Макфакс

14/04/2025

15:15

1.041

Големина на фонт

а а а

Пратеничката група на Левица денес поднесе Интерпелација за работата на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, изјави пратеникот од Левица, Сашко Јанчев, на денешната прес – конференција.

Според Левица Тошковски грубо ја занемарил и несоодветно ја извршувал својата јавна функција, постапувајќи нестручно, неодговорно и непрофесионално што, како што велат, се оделотворило во низа противзаконски дејствија, скандали и кадрови промашувања во МВР.

Од Левица, на прес – конференцијата образложија дека интерпелацијата е базирана на десет основи од кои пет се директно поврзани со трагичниот настан во Кочани.

„Прво немање никаква контрола врз дискотеката „Пулс“ што е изричнo законска обврска на МВР. Согласно член 21 став 1 алинеа 4 од Законот за угостителска дејност МВР дава согласност за угостителски објект дали ги исполнува условите за заштита на јавен ред и мир. МВР, исто така, е надлежна да утврди гласност, точење на алкохол, користење на психотропни супстанци и дроги, присуство на малолетници и т.н.

МВР потфрли во сето ова. Долг период се избегнува во истрагите да се вметнат и лица, функционери и носители на јавни функции коишто се блиски до ВМРО-ДПМНЕ. Не слушнавме дека актуелната началничка на ОВР – Кочани и началникот на Одделот за криминалистички работи се вклучени во истрагата. Тие се година дена на функција, а вториот има слика во партискиот штаб на ВМРО-ДПМНЕ во Кочани.

Не слушнавме дека во истрагата е вклучена инспекторката за економски криминал на ОВР Кочани, која имајќи ги предвид нерегуларностите на работењето на дискотеката не презела никакви мерки за истрага коишто и се законска обврска. Не слушнавме дека во истрагата е вклучен и сменоводителот за време на кобната ноќ, којшто не презел мерки за контрола на објектот и обезбедување јавен ред и мир, па во објектот се нашле и малолетни лица.

Дополнително, во време на мандатот на Тошковски е обновена лиценцата на оваа дискотека. Тој е министер повеќе од една година, затоа што тој беше министер и во техничката влада и во сите овие пропусти, директна командна одговорност има Министерот за внатрешни работи.

Втор основ е нелегалната употреба на пиротехнички средства. Согласно Законот за заштита од експлозивни материи, МВР е таа којашто води евиденција на издадени одобренија за пиротехнички средства. Согласно член 33 од Законот за експлозивни материи, МВР е надлежен орган за забрани за ракување со пиротехнички средства, кои се ракувани од нестручни, неоспособни и неовластени лица.

Од медиумите дознавме дека и претходно во дискотеката се користени пиротехнички средства. Немаме никаква информација дека МВР било кога постапило во вакви случаеви, а ни дека некогаш биле поднесени било какви дисциплински мерки од страна на Министерот за неговите подредени за неисполнување на службените должности, што е доказ за несоодветно менаџирање со системот на јавна безбедност.

Третиот основ е неукажувањето помош од страна на полицајците, за време на настанот. Согласно член 5 став 1 алинеа 19 од Законот за полицијата, „полициски службеник е должен да презема мерки и активности за помош на настрадани дури и надвор од работното време“.

Четвртиот основ се непроцесуираните фејзбук – закани упатени кон критичарите на власта во време на колективна траума и јавен револт. Јавноста беше сведок на несовесни обвинувања, изнесување невистинити информации и закани, особено, на социјални мрежи и оркестриран јавен линч и партиски хајки против неистомисленици и критичари на власта.

Петтиот основ е злоупотребата на МВР со забраната за дронови со цел задушување на протестите. Согласно Правилникот за воздухоплов и безекипаж, одредени зони можат да бидат ограничени, но ваквите одлуки морат да бидат прецизно дефинирани и јавно достапни за сите засегнати страни“, рече Јанчев.

Јанчев ги истакна и останатите основи коишто не се поврзани со трагедијата во Кочани:

„Апсењето на граѓани во гостиварско кои се собраа да чистат стара црква и им беше пуштено полиција и насилно беше разбиена акцијата и се стори потенцијал за несакани меѓуетнички тензии; Непостапувањето на полицијата при палење на македонското знаме при прославата на денот на албанското знаме. Ние сведочевме случај на фанатичен сепаратизам и анти-македонизам, кога се запали знамето, се пукаше со автоматско оружје, а полицијата стоеше со скрстени раце. Кражба на марихуана којашто беше чувана од полицијата. Станува збор за запленети стебла од канабисова фабрика и тоа беа украдени од фабрика којашто била обезбедувана и под директна полициска заштита од страна на СВР Штип. Скандалот со притворање на телохранителот на премиерот за оддавањето на тајни документи коишто содржеле класификација – службена тајна. Ова е доказ дека системот за правилно селектирање и профилирање кадри во МВР е сериозно поткопан. Вработување и назначување на позиции во МВР на лица со сомнителен кариерен развој, па така, за свој секретар во министерството тој го назначи Петрушевски, којшто претходно има обвиненија за местење тендери и финансиски злоупотреби“, образложи Јанчев.