Илјадници пациенти во Велика Британија би можеле да се соочат со погрешни дијагнози поради неточни и погрешни резултати од тестовите на крвта, покажа алармантно истражување на „Би-би-си“.
„Синовис“, лабораторијата за крвни анализи за шест болници во Лондон, не успева да обезбеди точни резултати „на дневна основа“, велат лекарите.
Десетици мејлови испратени од фирмата, која заработува две и пол милијарди евра, покажуваат дека таа постојано им се извинувала на општите лекари од 2021 година за неточни резултати од тестовите поврзани со болести, вклучително и дијабетес и маларија.
Лекарите тврдат дека тоа сега е нивна „секојдневна грижа“, а проблемот е „ништо помалку од национален скандал“, објави Дејли Меил.
„Синовис“ денеска се извини за „неволјата, непријатностите и вознемиреноста“ што ги предизвика, но тврди дека неточните тестови претставуваат само дел од десетици илјади што ги обработува секој ден.
Повеќе од десетина општи лекари кои зборуваа анонимно од професионални причини рекоа дека повеќе не можат да и веруваат на компанијата.
Еден општ лекар додаде: „Никогаш немаше да ни падне на памет дека тестот на крвта може да не е сигурен. Ова сега е секојдневна грижа“.