Трамп ја претвора Украина во „економска колонија“?

Точка

15/04/2025

21:10

1.451

Големина на фонт

а а а

САД и Украина и понатаму преговараат околу договорот за суровини, но барањата на Трамп стануваат сè поголеми.

На Украинците им се чини дека сакаат да ги претворат во „економска колонија“, пишува Дојче Веле.

Поминаа повеќе од шест недели од скандалот во Белата куќа кога пропадна потпишувањето на договорот за американска експлоатација на рудните богатства на Украина. И покрај непријатностите што украинскиот претседател морал да ги доживее од Доналд Трамп и неговите соработници, двете страни признаваат дека „сè уште постои интерес“ за постигнување договор. Но, се чини дека ставовите стануваат сè пооддалечени.


Главен извор на информации, вклучително и за американските медиуми, се украинските функционери кои очигледно се запознаени со новите американски барања. И притоа постои вистинска огорченост кон она што сега Трамп и неговите луѓе го бараат. Затоа што тука веќе не се работи само за рамковниот договор што требал да се потпише во Белата куќа, туку за многу конкретни мерки, врз основа на кои САД не само што ќе го стекнат правото на рудните богатства на Украина, туку и дека американските компании ќе добијат надзор врз нивната експлоатација.

Како што јави агенцијата Ројтерс, Американците сега бараат надзор над гасоводот преку кој до крајот на минатата година течеше гас од Русија кон Европа, а кој треба да биде ставен под управување на американската државна корпорација IDFC (International Development Finance Corporation).

Сите пари најпрво во Вашингтон

Со содржината на барањето очигледно е запознаен и украинскиот пратеник Јарослав Железњак од опозициската партија Холос, па своето несогласување го искажал на неговиот Телеграм канал. Затоа што таа корпорација во сопственост на Вашингтон треба да биде задолжена за целото рудно богатство во нашата земја, со тројца Американци кои ќе седат во петчлениот Управен одбор. Исто така, „неповолно за нас“, пишува Железњак, е тоа што сите износи ќе треба да се претворат во американски долари, а тоа ќе треба да се складира надвор од Украина.


„Њујорк тајмс“ пишува и дека целиот приход од тој фонд за експлоатација на богатствата на Украина треба прво да оди во САД додека не се врати целата сума што Украина ја добила како американска воена помош. Дури потоа Киев ќе има нешто од своето богатство. Но, дури и тоа не е доволно за Трамп: ако не се реализира очекуваниот профит, тогаш Украина ќе треба да плати од други извори.

Украинскиот опозиционер Железњак, како и многу други информирани извори во Украина, тврдат дека таквиот предлог договор не само што е крајно неповолен, туку и бесмислен за Украина. Во својот коментар, влијателниот интернет портал „Европејска правда“ пишува дека во својот најнов предлог Трамп „ги надминал речиси сите граници кои претходно биле договорени“, а се појавија и коментари дека САД очигледно сакаат да ја претворат Украина во своја економска колонија.

Некомпатибилни со членството во ЕУ

Официјално владата во Киев ниту ги потврди ниту ги демантираше објавените детали од последниот американски предлог. Сепак, украинскиот претседател Зеленски јасно стави до знаење дека нема да може да ги прифати сите овие американски барања. Пред сè, станува збор за наплата на американската воена помош од изминатите години, кога таа пристигнувала без никакви услови.


Покрај тоа, Зеленски предупредил дека таквиот договор со САД би можел да биде во спротивност со правилата на Европската унија, на која Украина се стреми да ѝ се приклучи. Имено, се работи за барањето на Вашингтон да има право на вето на сите идни инвестиции кога станува збор за експлоатација на рудното богатство на Украина.

Според украинската новинска агенција Укринформ, со чии новинари Зеленски неофицијално разговарал, украинскиот претседател смета дека за заострувањето на условите пред сè е виновен американскиот министер за финансии, Скот Бесент. При неговата посета на Киевм украинскиот претседател добил впечаток дека американскиот министер сакал да ги диктира условите на Вашингтон.

Уште ќе се преговара?

„Го бранам она што ѝ припаѓа на Украина“, рекол Зеленски за новинската агенција. Тој смета дека секој договор мора да биде корисен за двете страни. На ист начин, украинскиот претседател изјавил дека „воопшто повеќе не се зборувало“ за некакви американски воени гаранции за безбедноста на неговата татковина.


Сепак, украинската министерка за правда, Олга Стефанишина тврди дека Украина сè уште не се откажала од договорот со САД за рудните богатства и дека го испратила својот предлог минатата недела. Таа не сакала да разговара за деталите, туку само изјавила дека е „добар знак и тоа што повторно се разговара околу тоа“. Таа претпоставува дека преговорите ќе продолжат уште некое време, „сè додека не постигнеме согласност“.

Но, изворите на Ројтерс во Украина се многу помалку оптимистични. Тие известија дека расположението на преговорите меѓу американската и украинската страна досега било „крајно антагонистичко“.