Кина ја удри Америка каде што боли најмногу: Ретките минерали како оружје во трговската војна

Точка

15/04/2025

16:30

3.234

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп е свесен дека зголемувањето на царините за кинески производи до 145% значително ги зголемува влоговите во трговската војна, но Пекинг има „силни адути“ благодарение на својата цврста контрола врз клучни суровини кои се од суштинско значење за американската одбранбена индустрија.

Ова го пренесува Newsweek, потсетувајќи дека на 3 април Пекинг првично одговори на Трамповите мерки — 54% царини на кинески производи извезени во САД — со воведување ограничувања за извоз на ретки земјени елементи, кои се суштински за производството на борбени авиони што ќе ја сочинуваат основата на идната американска воздушна моќ.


Во меѓувреме, Кина го запре извозот на овие ретки елементи кон сите земји, вклучувајќи ги и САД.

Fortune објави дека ваквиот потег го остави глобалниот пазар без материјали кои се клучни за технолошката индустрија, автомобилската индустрија, аеронаутиката и одбранбениот сектор.


По договорот со Boeing, Трамп го претстави новиот борбен авион Ф-47 како наследник на Ф-22 Раптор.

Сепак, одржливоста на американската програма за воздушна надмоќ на наредната генерација (NGAD – Next Generation Air Dominance) во голема мера зависи од суровините што ги произведува Кина.

Тука спаѓаат седум категории на средни и тешки ретки земјени елементи, меѓу кои се самариум, гадолиниум, тербиум, диспрозиум, лутетиум, скандиум и итриум.

– Овие елементи се, без сомнение, дел од арсеналот на Кина со кој може да одговори на постојаното зголемување на царините. На пример, диспрозиумот е клучен за производство на магнети кои функционираат под високи температури – вели Том Брејди, професор по практична обука на Рударскиот факултет во Колорадо.


Се нагласува дека итриумот е неопходен за заштитни облоги на млазни мотори кои работат на екстремно високи температури, како и за високофреквентни радарски системи и прецизни ласери.

Овој елемент исто така се користи во термички заштитни облоги на турбински лопатки, кои спречуваат прегревање и топење на моторите за време на лет.

Овие минерали се неопходни за производство на магнети и актуатори со високи перформанси.

Покрај тоа, метали како титаниум, волфрам и ниобиум се исто така од клучно значење за структурната цврстина, отпорноста на топлина и за изработка на стелт облоги, кои им овозможуваат на авионите да останат „невидливи“ за радарите.


– Кинеската контрола врз извозот на клучни ретки земјени елементи претставува сериозен ризик за американската национална безбедност, одбранбената индустрија и високотехнолошкиот сектор – изјави Џејми Андервуд од консултантската фирма SFA-Oxford.

Кина во 2010 година го запре извозот на ретки земјени елементи во Јапонија поради дипломатска криза поврзана со морски инцидент кај спорните острови Сенкаку.

Во јули 2023 година, Кина дополнително ги ограничи извозот на галиум и германиум — материјали што се користат во микрочипови, радари и сателити — како одговор на американските ограничувања за продажба и пренос на технологија.


Иако Белата куќа ги исклучи критичните минерали од сегашните царини, најновите ограничувања од Кина ги принудуваат САД да бараат алтернативни решенија за недостигот на овие суровини.

На 20 март, Трамп потпиша извршна наредба со која најави зголемување на домашното производство на минерали, поедноставување на дозволите и засилување на националната безбедност.