Мозочни импланти за лекување зависност од дрога и алкохол

Точка

26/03/2025

21:13

1.687

Големина на фонт

а а а

Зависноста ги уништува животите на зависниците, но и на сите што се дел од нивниот живот. Постојат различни методи за лекување, а со напредокот на технологијата, стигнавме до можноста за мозочни импланти кои би можеле трајно да го решат овој проблем.

Во текот на тестирањето, хирурзите ќе вградат импланти во мозоците на субјектите кои страдаат од зависност. Станува збор за нов метод на лекување – "Brain-PACER", кој функционира како „мозочен пејсмејкер“. Овој уред со помош на електроди ги регулира потребите за супстанции и ја подобрува самоконтролата.


Техника што веќе се применува кај други болести

Оваа техника веќе се користи за контрола на последиците од Паркинсонова болест, депресија и опсесивно-компулсивно однесување, а на сличен начин може да помогне и во намалувањето на зависничките желби. Тестирањата ќе се спроведуваат во универзитетските болници во Кембриџ и Лондон, а методот што ќе се применува е длабока мозочна стимулација (DBS).

Претходни истражувања покажале дека "DBS" може да помогне во лекувањето на зависност, но ова е прва голема студија која вклучува пациенти со тешки форми на болеста.


Како функционираат мозочните импланти?

Директорката на проектот, професорката Валери Вун, објаснува дека мозочните импланти функционираат слично како пејсмејкерите – исто како што тие ги регулираат неправилностите во работата на срцето, така и овие уреди влијаат врз мозочната активност.

Имплантите се вградуваат во делот од мозокот кој е одговорен за донесување одлуки, мотивација и наградување, а се поврзуваат со дополнителен уред вграден во градите на пациентот. Целта е да се намали желбата за алкохол и дроги.


Кој може да учествува во тестирањето?

Во првата, пробна фаза ќе бидат избрани шест пациенти со зависност од алкохол и шест пациенти со зависност од дрога.

За учество може да се пријават лица кои најмалку пет години се борат со зависноста и кои досега барем трипати се обиделе да се излечат, користејќи традиционални лекови и психотерапија.