Јапонски научници започнале испитувања на луѓе на експериментален лек наменет за повторно растење на забите, што претставува потенцијален напредок во денталната медицина.
Испитувањето, кое започнало во септември 2024 година, следи по долгогодишно истражување на антитела кои би можеле да го стимулираат растот на забите кај луѓето.
Целта на лекот е да им помогне на луѓето кои страдаат од губење на забите, состојба за која не постои траен лек.
„Сакаме да направиме нешто за да им помогнеме на оние кои страдаат од губење на заби или недостаток на заби. Иако досега немаше третман кој би обезбедил трајно лекување, ние веруваме дека очекувањата на луѓето за раст на забите се високи“, рекол Кацу Такахаши, шеф на стоматологијата во Медицинскиот истражувачки институт на болницата Китано во Осака, во интервју за „The Mainichi“.
Истражувањето се фокусира на ген-1 поврзан со хиперсензитивност на матката (USAG-1), антитело познато дека го инхибира развојот на забите кај цицачите. Во 2021 година, научниците од Универзитетот во Кјото, кои исто така се вклучени во тековните испитувања, идентификувале моноклонално антитело способно да ја наруши интеракцијата на USAG-1 со коскените морфогенетски протеини (BMPs), кои играат клучна улога во формирањето на забите.
„Знаевме дека сузбивањето на USAG-1 го фаворизира растот на забите. Она што не го знаевме е дали тоа ќе биде доволно. Творовите се дифиодонтни животни со слични забни модели како луѓето“, рекол Такахаши кој е коавтор на студијата.
Сега научниците го тестираат лекот на луѓе, во 11-месечна студија во која учествуваат 30 машки учесници на возраст од 30 до 64 години на кои им недостасува барем еден заб. Лекот се применува интравенски за да се процени неговата безбедност и ефикасност, а во претходните студии на животни не биле забележани негативни ефекти.
Доколку биде успешна, болницата Китано планира да го прошири третманот на деца на возраст од 2 до 7 години на кои им недостасуваат најмалку четири заби, со крајна цел лекот да биде широко достапен до 2030 година.
Додека сегашниот фокус е на пациентите со вродени недостаток на заби, Такахаши се надева дека третманот ќе може да му помогне на секој што изгубил заб.