Папуа Нова Гвинеја го забрани Фејсбук. „Тоа е тест за ублажување на говорот на омраза“

Макфакс

25/03/2025

07:26

568

Големина на фонт

а а а

Владата на Папуа Нова Гвинеја ја блокираше социјалната мрежа Фејсбук, опишувајќи го потегот како „тест“ за ублажување на говорот на омраза, дезинформациите, порнографијата и „другите штетни содржини“. Тестот, спроведен според антитерористичките закони во земјата, започна вчера наутро и продолжи денеска, пренесува „Еј-би-си“.

Корисниците на Фејсбук во земјата не можеа да се логираат на платформата и не е јасно колку долго ќе трае забраната. Потегот на власта не беше најавен пред вчерашниот „тест“ – кој опозициските пратеници и лидерите на медиумите го оценија како „тиранија“ и „кршење на човековите права“.

Во изјавата, министерот за полиција на Папуа Нова Гвинеја, Питер Цијамалили, рече дека иницијативата е да се обезбеди „одговорна употреба“ на сајтовите на социјалните медиуми како Фејсбук, додека „штетната содржина“ ќе се држи надвор од јавниот дискурс.

„Сепак, неконтролираното ширење на лажни вести, говор на омраза, порнографија, детска експлоатација и поттикнување насилство на платформи како Фејсбук е неприфатливо. Овие предизвици се повеќе ја загрозуваат безбедноста, достоинството и благосостојбата на нашето население“.

Фејсбук е убедливо најпопуларната социјална мрежа во земјата, со околу 1,3 милиони корисници, или околу половина од проценетите 2,6 милиони корисници на интернет во земјата. За споредба, Инстаграм има околу 106.000 корисници.