ЕУ подготвува жесток одговор на царините на Трамп: На удар познати американски производи

Макфакс

12/03/2025

07:26

1.862

Големина на фонт

а а а

Европската унија планира силен одговор на глобалните царини на Трамп од 25 отсто за челик и алуминиум, пишува Политико, повикувајќи се на три дипломатски извори запознаени со плановите на Брисел. Царините на американскиот претседател, за потсетување, стапија на сила утрово.

ЕУ веќе има подготвен пакет контрамерки, кој датира од првиот мандат на Трамп, а вклучува царини за познатите американски производи како мотоциклите Харли-Дејвидсон, бурбонот и фармерките. Овие мерки треба автоматски да стапат во сила на крајот на месецот. Сепак, како што наведуваат изворите на Политико, ЕУ најверојатно ќе оди чекор понатаму.

Како заеднички пазар од 450 милиони луѓе, ЕУ сака да испрати јасна порака дека е подготвена да ги брани своите економски интереси доколку Трамп ја засили трговската војна, наведува Политико.

Трансатлантската трговија, вредна 1,7 трилиони долари, беше клучна за просперитетот на Западот по Втората светска војна. Но, како што пишува Политико, Трамп, незадоволен од трговскиот дефицит на САД, гледа на тарифите како начин да ја принуди индустријата и работните места да се вратат во Америка.


Иако царините најмногу ќе ги погодат Канада и Мексико, ЕУ е трет по големина снабдувач на челик во САД и нема да биде поштедена. Брисел е загрижен и за можните „одмазднички“ царини кои би можеле да ги погодат европските автомобили, фармацевтската индустрија и прехранбениот сектор.

Царините стапија на сила на полноќ според Вашингтон. Дипломатите ќе разговараат за можниот одговор на утринската средба.

ЕУ со недели гласно сигнализира дека е подготвена да одговори на „неоправданите царини“. Европскиот комесар за трговија Марош Шефчовиќ завчера изјави дека Унијата е подготвена „да ги заштити своите компании, работници и потрошувачи“.

„Не можеме повеќе да се потпираме на САД – тоа е новата реалност. Затоа мораме силно да возвратиме, тоа е единствениот лек“, изјави еден европски дипломат за Политико.

Шефчовиќ минатиот месец го посети Вашингтон во обид да отвори дијалог и да избегне трговски конфликт, но заклучи дека администрацијата на Трамп не е заинтересирана. „На крајот на краиштата, едната рака не може да плеска“, рече тој.


Како што пренесува Политико, овој пат ЕУ подготвува посилен одговор отколку на царините на Трамп од 2018 година.

„Одмаздничките мерки на ЕУ се очекува да бидат посилни од претходните“, изјави друг дипломат за Политико, но додаде дека Европската комисија внимателно ги чува деталите за царините и временската рамка за нивно спроведување.

Одмаздата на ЕУ нема да биде веднаш. Пакетот од 2018 година автоматски ќе стапи на сила на 31 март, освен ако Брисел не одлучи да го продолжи неговото замрзнување. Новите или проширените царини ќе мора да бидат подложени на дополнително одобрување од национални експерти пред да стапат на сила.