Николова: Јаневска продолжува со еднострани одлуки за гимназиското образование

Макфакс

12/03/2025

13:40

187

Големина на фонт

а а а

На предлог на СДСМ, Собраниската Комисија за образование, наука и спорт го усвои предлогот за одржување јавна расправа за Предлог Концепцијата за гимназиско образование. Водени од ставовите на стручната фела кои своите мислења ги даде во јавноста, сметаме дека оваа јавна расправа е од исклучителна важност бидејќи ќе овозможи поширока дискусија со сите засегнати страни – наставници, експерти, претставници од Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и учениците, истакна Даниела Николва, пратеничка на СДСМ.

СДСМ, како што рече Николова, останува доследна на својата заложба реформите во образованието да се носат низ темелен и инклузивен процес.

„За жал, министерката Јаневска во досегашниот процес не покажа подготвеност за вистинска јавна дебата. Наместо да отвори простор за дијалог со експертите и наставниците, таа продолжува со еднострани одлуки кои предизвикуваат сериозна загриженост во јавноста. Начинот на кој досега се турка оваа концепција покажува отсуство на транспарентност и недостаток на слух за критиките и сугестиите од стручната фела.

Затоа, сметаме дека оваа јавна дебата во Собранието треба да се организира поскоро со што ќе се покаже дека е разбрана важноста на овој процес. Само низ искрена и отворена дискусија можеме да донесеме решенија кои ќе бидат во интерес на учениците, наставниците и целиот образовен систем. Универзитетските професори, наставниците, средношколците и сите засегнати страни имаат суштинска улога во креирањето на квалитетен и одржлив образовен систем“, вели пратеничката.

СДСМ, како што најави, ќе продолжи да се залага за подобрување на условите во образованието и за реформи кои ќе бидат во најдобар интерес на учениците, наставниците и општеството во целина.