Џастин Трудо се повлече од функцијата премиер на Канада по девет години на власт, а на негово место, барем засега, ќе го преземе Марк Карни, што ќе биде негов прв значаен ангажман во политиката.
Трудо во јануари годинава најави дека ќе се повлече од лидерската позиција на Канада како и од функцијата претседател на Либералната партија. Се чинеше дека никој не ја посакувал неговата позиција, поради состојбата на предизборните анкети, но сепак се појавија двајца кандидати – Карни и поранешната министерка за финансии, Кристија Фриланд.
Карни на крајот со 84 отсто од гласовите ја презеде функцијата лидер на либералите, а со тоа и функцијата премиер на Канада, а неговото искуство со кризниот менаџмент во финансиите им дава причина за оптимизам на Канаѓаните.
Првиот дел од кариерата Карни го поминал во инвестициската банка Голдман Сакс, а потоа во 2003 година преминал во јавниот сектор. Пет години подоцна, целиот свет, вклучително и Канада, падна во финансиска криза и рецесија, а Карни потоа ја презеде „непосакуваната“ позиција на гувернер на Централната банка на Канада.
Во својот петгодишен мандат, од 2008 до 2013 година, Карни успеа да направи мало финансиско „чудо“, кога успеал делумно да ја спаси Канада од глобалната рецесија. Веќе во средината на 2009 година, канадската економија го започна своето закрепнување, а оваа земја стана првата Г7 земјите која се врати на своите економски параметри пред рецесијата.
Неговиот успех не остана незабележан, па така во 2013 година владата на британскиот премиер Дејвид Камерон го покани да биде првиот небритански гувернер на Централната банка на Англија.
Тој остана на таа позиција до почетокот на 2020 година, а економските аналитичари го пофалија неговиот пристап кон финансиската криза по Брегзит, како и првичниот одговор на пандемијата Ковид-19.
Покрај овие две позиции, Карни бил и советник на неговиот претходник Џастин Трудо за време на кризата предизвикана од пандемијата Ковид-19, а кога Фриленд, неговата противкандидатка за лидер на Либералната партија, поднесе оставка, Трудо сугерирал дека тој би можел да ја замени на функцијата министер за финансии.
Исто како и кога ја презеде функцијата гувернер во Велика Британија и Канада, Карни ја презема премиерската функција во екот на потенцијална финансиска криза поради потезите на американскиот претседател Доналд Трамп, кој најави воведување царини од 25 отсто за стоки од Канада од почетокот на април.
Трудо одговори со канадски царини за американски стоки, оставајќи му ја на Карни трговската војна која би можела да предизвика нова криза меѓу овие две земји, кои имаат најголем трговски обем меѓу себе.
Меѓутоа, со својот одговор, Трудо повторно ја „запали искрата“ на канадскиот национализам и наместо досегашните очекувања кои предвидуваа дека либералите ќе претрпат изборен крах, тој сега му остава на Карни ситуација при која Либералната и Конзервативната партија се речиси изедначени.
Трудо ги бришеше солзите во едниот од последните говори како канадски лидер
Џастин Трудо вчера ги избриша солзите од лицето за време на еден од неговите последни говори како канадски премиер.
„Проклето сум горд на она што го направивме во изминатите 10 години. Но, вечерва се работи за нашата иднина како партија, како земја“, порача Трудо.
Неговата ќерка Ела-Грејс го претстави на сцената, и рече колку е горда на својот татко и се пошегува дека едвај чека да го гледа помалку на социјалните мрежи. Трудо, видно емотивен, ги избриша солзите пред да ѝ се обрати на толпата.
Во својот говор, тој предупреди на предизвиците што претстојат, особено оние кои произлегуваат од американско-канадските односи.
„Ќе постапиме дипломатски кога е можно, но ќе се бориме кога мораме“, рече Трудо.
Thank you, Liberals — for everything. pic.twitter.com/Jnb3eA4dx3
— Justin Trudeau (@JustinTrudeau) March 10, 2025
Тој ги повика сопартијците да останат посветени. „Потребни сте и на вашата земја и можеби повеќе од кога било. И не се сомневам дека ќе одговорите на повикот бидејќи тоа сте го направиле и претходно“, рече тој.
„Демократијата не е дадена, слободата не е дадена, дури ни Канада не е дадена“. Овие вредности, рече тој, бараат постојана будност, храброст и посветеност.
Трудо во јануари објави дека заминува по повеќе од девет години на власт, бидејќи неговата популарност опадна, принудувајќи ги либералите брзо да одржат внатрепартиски избори за нов лидер.