Доколку се прашувавте кој бил омилениот посен појадок меѓу Југословените, одговорот е – проја! Традиционалниот леб од пченка и пченично брашно домаќинките го збогатувале со разни додатоци, а напролет најчесто тоа било празот кој на ова јадење му дава посебна сладост. Велигденскиот пост е идеална можност да го испробате рецептот.
Освен тоа, пројата со праз се прави лесно, состојките се достапни и повеќето домаќинки секогаш ги имаат дома. Со оглед на тоа што Велигденскиот пост налага дека е дозволено да се користи масло само за време на викендот, се препорачува доколку ги почитувате правилата на постот, оваа проја да ја подготвите за викенд. Едно е сигурно: кога ќе го пробате овој рецепт, сигурно ќе ви стане еден од омилените, било за појадок или за вечера.
Посна проја со праз
Состојки:
• 200 гр бело брашно;
• 200 гр пченкарно брашно;
• 2 струка праз;
• 400 мл кисела вода;
• 100 мл масло;
• 1 кесичка прашок за печиво;
• сол (по вкус);
• сусам (по избор).
Подготовка:
Измијте го празот и отстранете му ги „мустаќите“. Прво исечкајте го белиот дел, па зелениот, па на малку масло пропржете го белиот дел.
Измешајте бело и пченкарно брашно, прашокот за печиво, маслото и киселата вода и посолете ја смесата по желба. Додадете го пржениот праз, а потоа и исечканиот зелен дел и сè убаво измешајте.
Намастете го плехот, посипете го со брашно, потоа истурете ја изматената смеса и по желба посипете ја со сусам. Се пече во рерна загреана на 200 степени додека не порумени.