Мислите дека децата ви го исцрпуваат мозокот? Размислете повторно. Една нова студија покажала дека непроспиените ноќи и стресните утра всушност можат да го одржат умот млад и остар.
Истражувачите анализирале снимки од мозокот на 19.964 жени и 17.607 мажи од Обединетото Кралство и откриле дека луѓето кои имаат деца покажувале побавно когнитивно опаѓање со текот на годините во споредба со оние со помалку или без деца.
„Областите кои ја губат функционалната поврзаност како што поединците стареат се истите области кои покажуваат зголемена поврзаност кога луѓето имаат деца“, рече водечкиот автор на студијата, Аврам Холмс, професор по психијатрија во Рутгерс Центарот за напредно истражување на човечкиот мозок.
Резултатите, кои биле исти за мажите и жените, покажале дека овие ефекти врз мозокот се резултат на родителството, а не само на бременоста.
„Гледаме широк образец на функционални промени. Кај луѓето кои одгледале поголем број деца, овие промени се особено очигледни во деловите од мозокот поврзани со движењата и социјалните врски“, истакна Холмс.
Резултатите од истражувањето беа објавени во вторникот во списанието „Proceedings of the National Academy of Sciences“.
Истражувачите нагласија дека се потребни дополнителни истражувања за точно да се утврди како родителството може да помогне во борбата против стареењето на мозокот. Проширените истражувања би можеле да имаат важни импликации во борбата против осаменоста и деменцијата кај стареењето на населението, особено со оглед на тоа дека денес луѓето имаат сè помалку деца.