Холивудската актерка Скарлет Јохансон започна сериозна иницијатива за забрана на злоупотребата на вештачката интелигенција („AI“), откако на интернет се појави „deepfake“ видео во кое е прикажана без нејзина дозвола.
Актерката побара од владата на САД итно да донесе закон што ќе ја ограничи употребата на „AI“ технологијата, нагласувајќи дека моменталната ситуација е „застрашувачка“.
„Парализираноста на американската влада во однос на донесувањето закони што ги штитат сите граѓани од непосредните опасности на вештачката интелигенција е застрашувачка“, изјави Јохансон за списанието „People“.
Таа истакна дека потенцијалот за злоупотреба на „AI“ технологијата е многу поголема закана отколку која било поединечна личност што би можела да ја злоупотреби.
Што е „deepfake“ и зошто е опасен?
„Deepfake“ технологијата користи напредни „AI“ алгоритми за создавање лажни видеа што изгледаат реално.
Овие алгоритми можат да „научат“ карактеристики на нечие лице и глас од постоечки снимки, а потоа да генерираат целосно нова содржина што делува автентично.
Експертите предупредуваат дека оваа технологија претставува сериозна закана за приватноста и безбедноста.
Контроверзниот „deepfake“ видеоклип
Во спорниот видеозапис, кој е креиран со „AI“, Јохансон е прикажана заедно со други познати личности од еврејско потекло, вклучувајќи ги: Џери Сајнфелд, Мила Кунис, Џек Блек , Дрејк, Џејк Џиленхал, Адам Сендлер...
На снимката, тие носат маици со натписот „Kanye“ и слика на среден прст во чиј центар се наоѓа Давидовата ѕвезда.
Ова видео се појави по антисемитските коментари што ги објави Кание Вест („Ye“) минатата недела на платформата „X“.
Борба против злоупотребата на „AI“
Јохансон веќе учествувала во борбата против злоупотребата на „AI“ технологијата.
Минатата година таа тужеше компанија што развила „AI“ апликација поради неовластено користење на нејзиниот лик во онлајн реклама.
Исто така, јавно ја критикуваше компанијата „OpenAI“, бидејќи еден од гласовите во „ChatGPT“ звучел идентично на нејзиниот, по што таа функција била отстранета.
Потреба од итна регулатива
„Ова е прашање што енормно ќе влијае на непосредната иднина на човештвото“, нагласи Јохансон.
Иако повиците за регулација на „AI“ технологијата стануваат сè погласни, конкретни законски чекори сè уште изостануваат.
Во септември 2024 година, гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом стави вето на значаен закон за „AI“ безбедност.
Исто така, САД и Велика Британија одбија да ја потпишат меѓународната „AI“ декларација, која промовира „етичка“ употреба на оваа технологија.