[ВИДЕО] Нов силен земјотрес на Санторини, улиците се празни, илјадници жители и туристи продолжуваат да го напуштаат островот

Макфакс

05/02/2025

15:13

1.868

Големина на фонт

а а а

Земјотрес со јачина од 4,7 степени според Рихтеровата скала е регистриран во 11.35 часот во областа Санторини.

Епицентарот на земјотресот повторно бил во близина на селото Оја, на 25 километри североисточно.

Хипоцентарот на земјотресот, според податоците на Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар, се наоѓа на длабочина од приближно 14 километри под површината на земјата.

Ова подрачје од утрово е погодено од најмалку 30 земјотреси посилни од 3 степени според Рихтеровата скала, а од утринава ова е трет земјотрес со јачина над 4 степени според Рихтеровата скала.

Првиот земјотрес со јачина од 4 степени е регистриран утрово во 4.16 часот, со епицентар на 18 километри од Аркесини на Аморгос, на длабочина од 10,8 километри, јави „Прототема“.

Вториот земјотрес со јачина од 4,3 степени бил пет минути подоцна, со епицентар на 17 километри од Аркесини, на длабочина од 11,8 километри.

Поради постојаната сеизмичка активност, засилени се силите на противпожарните единици на „Јужен Егеј“, а мобилниот оперативен центар „Олимпос“ пристигна во Санторини со дополнителни екипи, вклучувајќи кучиња за спасување и дронови.

Вкупно 51 пожарникар и девет возила се распоредени на островот, а слични сили беа испратени и на другите острови, како Аморгос, Јос и Наксос, каде што хеликоптерот на противпожарната служба е во подготвеност.

Грчкиот весник пишува дека улиците на Санторини се празни и дека личат на времето од пандемијата на коронавирусот.

Илјадници жители и туристи продолжуваат да го напуштаат островот, а многу од улиците на Санторини се затворени со полициски ленти за да не се загрози безбедноста на граѓаните.

Санторини исто така е во состојба на готовност бидејќи локалните власти се загрижени поради кражби по заминувањето на приближно 11.000 жители, кои ги напуштија своите домови.

Полициските сили беа ставени во состојба на готовност, со интензивни патроли и блокади на патиштата, во обид да спречат евентуални упади.

Многу училишта на островите Киклади, вклучувајќи ги Миконос, Наксос, Парос, Патмос и Лерос, ја прекинаа наставата поради можна закана од дополнителни земјотреси.

Апликацијата на Министерството за дигитална администрација MiSaFeTiPlan, која покажува каде во државата има отворени простори на кои жителите од овие области може да најдат безбедно засолниште во случај на природни катастрофи, од денеска е достапна за корисниците на интернет.

Професорот по сеизмологија и поранешен претседател на Грчкото здружение на експертите за земјотреси, Димитрис Папаниколау, утринава изјави дека очекува силен земјотрес со јачина од 6 степени според Рихтеровата скала.

„Требаше да внимаваме да не градиме на падините. Доколку се случи земјотрес со јачина од 6 степени според Рихтеровата скала, најверојатно ќе се откинат големи парчиња и ќе имаме слични последици и за зградите“, рече тој.