Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху официјално ќе ја посети Унгарија во следните неколку недели, изјави денеска шефот на кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан и покрај меѓународната потерница за апсење на израелскиот лидер, пренесува Ројтерс.
Орбан го покани Нетанјаху да ја посети Унгарија минатиот ноември, велејќи дека ќе гарантира оти налогот за апсење издаден од Меѓународниот кривичен суд за наводните израелски воени злосторства во Газа нема да се почитува.
„Според сегашните планови, тој ќе пристигне пред Велигден. Откако ќе се потврди датумот на посетата, секако ќе го објавиме, имајќи ги предвид исклучително важните безбедносни аспекти во овој случај“, рече Гергели Гуљас на прес-конференција.
Велигден оваа година се паѓа на 20 април.
Неколку други европски земји рекоа дека Нетанјаху ќе биде приведен доколку стапне на нивна почва.
Сите земји-членки на Европската унија, вклучително и Унгарија, се членки на МКС, што значи дека се обврзани да ги спроведуваат неговите наредби. Орбан често се судрира со ЕУ околу демократските стандарди и човековите права во Унгарија.
На 21 ноември 2024 година, МКС издаде налози за апсење на Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана, како и водачот на Хамас, Ибрахим Ал-Масри, за наводни воени злосторства и злосторства против човештвото во конфликтот во Газа.
Според израелските податоци, милитантите предводени од Хамас извршија прекуграничен напад врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година, при што убиле 1.200 луѓе и земале 251 заложник. Нападот предизвика израелска офанзива на Појасот Газа во која загинаа повеќе од 48.000 Палестинци, според здравствените власти во Газа.
Борбите во Газа престанаа на 19 јануари како дел од првата фаза од прекинот на огнот. Хамас размени 33 израелски заложници и пет Тајланѓани за околу 2.000 палестински затвореници.