Вучиќ: Во следните 10 дена ќе донесеме одлука дали ќе одиме на избори или не

Макфакс

28/01/2025

23:00

1.055

Големина на фонт

а а а

Српскиот претседател Александар Вучиќ ја објасни процедурата што следи по оставката на премиерот Милош Вучиќ.

– Постапката е следна: во Собранието се констатира неговата оставка, а потоа почнува рокот од 30 дена за избор на нова влада или распишување избори. Ќе ја почнам процедурата и нема да избегнувам консултации, иако знам дека ќе добивам само навреди од оние кои некому ласкаат и немаат поддршка од народот. Отворен сум и за двете опции, или за избори или за состав на новата Влада. Благодарение на неодговорното однесување на некои, загрозена е стабилноста и граѓанскиот мир на Србија. Некои го поддржуваат насилството на секој можен начин – рече Вучиќ.

Тој додаде дека во наредните 10 дена ќе се донесе одлука дали ќе се оди на избори или не.

– Ова не го очекувавме, бидејќи се се одвиваше добро до синоќешниот инцидент, што според мене е необјасниво. Како еден од основачите на Движењето, наскоро ќе се појавам во Нови Сад и ќе му се обратам на народот, бидејќи не ми паѓа на памет да бегам од некого во мојата земја – рече Вучиќ.

Тој нагласи дека нема да има преодна влада.

-Нема да дозволам најнеодговорните да ја уништат Србија како што веќе направија во минатото. Толку ја сакаат демократијата што кога ќе им спомнеш избори, како да им ставиш прст во око. Можно е да се преземе власта со сила, можеби е можно, но за тоа би требало да ме убиете. Народот на Србија сака нормални луѓе на власт – рече претседателот на Србија, пренесуваат српските медиуми.

Тој порача дека нема да бега од консултации со сите партии.

Вучиќ истакна дека е отворен и за избори и за консултации и додаде дека претседателот на Социјалистичката партија на Србија, Ивица Дачиќ е за формирање нова влада.

Вучиќ се осврна на можните кандидати за премиер.

– Јас како претседател на државата го одредувам името на мандатарот, но имам ограничување. Ќе ги почнам разговорите. Имав три-четири имиња во главата, но ќе ви ги откријам дури кога ќе видиме дали ќе одиме на нови избори – рече претседателот на Србија.