Невремето проследено со град може да донесе големи количества мраз кои паѓаат од небото, а овие парчиња мраз можат да бидат толку големи за да ги оштетат автомобилите, куќите, па дури и сериозно да повредат луѓе. Во екстремни случаи, невремето може да предизвика поплави, оштетување на енергетските мрежи како и нарушување на сообраќајот, што резултира со значителна материјална штета.
Пред неколку години еден таков драматичен момент ѝ се случи на една мајка од Австралија, кога соочена со опасни временски услови, таа презеде храбар чекор за да го заштити своето бебе во текот на екстремната бура со грмотевици и град. Имено, таа со своето тело го заштити бебето, а нејзината изјава одекна на социјалните мрежи.
„Почна да паѓа град, а задниот прозорец каде што беше ќерка ми едноставно беше отворен … Го снема“, изјави мајката и додаде дека немала време за страв. „Беше многу страшно, но немаше време за јас да се исплашам … Сè се случи толку бргу“.
Во моментот кога градот почнал да паѓа во огромни количества, мајката брзо сфатила дека мора да реагира. Без размислување, таа скокна во задниот дел од автомобилот и го постави своето тело како жив штит, за да го заштити бебето од парчињата мраз.
„Погледнав и видов дека плаче, но не ја ни слушнав, сè беше толку гласно“, раскажа мајката, додавајќи дека звукот на градот бил толку силен што целосно ѝ го надвика нејзиниот глас додека се обидувала да го смири детето. И покрај стравот и паниката која настанала за време на невремето, оваа храбра жена не се двоумеше да направи сè што било во нејзина моќ за да го заштити своето дете.
Откако невремето поминало, мајката рече дека нема да се двоуми повторно да ја донесе истата одлука. Нејзината приказна пред неколку денови повторно стана вирална на социјалните мрежи, луѓето ширум светот коментираа дека: „Едноставно, тоа го може само мајката“.