Аргентинската убавица Магали Бенеџам (30) од Кордоба ја изгуби титулата за Мис Аргентина откако јавно тврдеше дека натпреварот за Мис Универзум 2024, одржан во ноември, бил наместен. Таа во интервју за YouTube-каналот „Кинг Луч“ рече дека забележала сомнително однесување кај судиите при објавувањето на Топ 5.
„Кога ги видов судиите како се гледаат, сфатив дека изборот не се совпаѓа со нивниот глас. Тогаш си помислив: 'Добро, ова е наместено, како и секоја година',“ изјави таа.
Магали го освои 12-тото место, но остро ги критикуваше победничката Викторија Кјаер Телвиг (21) од Данска и Мис Порторико Џенифер Колон (37). Таа истакна дека данската претставничка имала обезбедување во последните денови, што според неа укажувало на предвремено решен исход. Исто така, тврдеше дека добила најлош фустан за финалната вечер.
Откако нејзините коментари станаа јавни, организаторите на 2 јануари 2025 донесоа одлука за нејзина дисквалификација. Во официјалното соопштение се вели дека одлуката е во согласност со заложбите за интегритет и професионално однесување, истакнувајќи дека натпреварот промовира различност и почитување.
Бенеџам, иако го изгуби статусот, сè уште го задржуваше насловот „Мис Аргентина 2024“ на своите профили на социјалните мрежи до моментот на објавувањето.