Џастин Балдони, режисерот и ѕвездата на филмот „Ова завршува со нас“ („It Ends With Us“), и неговите публицисти поднеле тужба против весникот „Њујорк тајмс“, во која тврдат дека весникот изнел клевета против нив во напис за наводите на Блејк Лајвли, неговата колешка од филмот, дека била жртва на „одмаздничка кампања“.
Тужбата, која бара отштета од 250 милиони долари, го обвинува „Њујорк тајмс“ за некритичко прифаќање на „себичниот наратив“ на актерката дека Балдони, неговата продукциска куќа и нивниот тим за односи со јавноста работеле на штета на нејзиниот углед откако таа се пожалила на недолично однесување за време на снимањето на филмот. Во тужбата се тврди дека написот, објавен на 21 декември, намерно испуштил делови од размената на пораки и други информации што се спротивставуваат на верзијата на настаните на актерката.
„Централната теза на написот, инкапсулирана во клеветнички наслов осмислен веднаш да го доведе читателот во заблуда, е дека тужителите организирале ‘одмаздничка кампања’ против Лајвли затоа што зборувала за сексуално вознемирување – премиса што е категорично лажна и лесно се побива“, се вели во тужбата.
Тужбата била поднесена до Врховниот суд на округот Лос Анџелес од Брајан Фридман, адвокат кој го застапува Балдони и уште петмина, вклучително и Мелиса Нејтан, експерт за управување со кризи, која Лајвли ја обвини дека помогнала во организирање кампања за манипулирање со покривањето вести и објавената содржина на социјалните мрежи против неа.
Покрај наводната клевета од страна на „Њујорк тајмс“, адвокатот тврди дека Лајвли му ја презела контролата врз филмот на Балдони и дека нејзиниот публицист подоцна се обидел да подметне приказни во јавноста за да му наштети на неговата репутација.
Во соопштение до јавноста, од „Њујорк тајмс“ велат: „Планираме енергично да се браниме“.
„Нашата приказна беше прецизно и одговорно објавена. Се засноваше на преглед на илјадници страници оригинални документи, вклучително и текстуални пораки и е-пошта што ги цитираме точно и нашироко во статијата“, велат од „Њујорк тајмс“.
Да потсетиме, Блејк Лавли поднесе жалба во декември, обвинувајќи го Балдони за сексуално вознемирување. Лајвли во жалбата наведе дека откако искажала загриженост за сексуално вознемирување на снимањето на „Ова завршува со нас“, Балдони и неговиот тим возвратиле со објавување на несоодветни написи во медиумите за да ја уништат нејзината репутација.
За ова прв извести весникот „Њујорк тајмс“, кој објави напис со наслов „Можеме да закопаме секого: увид во холивудската машина за уништување“. Написот од 4.000 зборови има и содржина од жалбата на Блејк Лајвли, која вообичаено останува доверлива.
По тој напис и обвинувањата на Лајвли, агенцијата за таленти „WME“, која исто така ги застапува Лајвли и нејзиниот сопруг Рајан Рејнолдс, престана да го застапува Балдони. Попатно, актерката доби поддршка низ Холивуд, вклучително и од синдикатот на актерите.