[ФОТО] Ќерката на Џек Николсон објави ретка фотографија од него: Ги поминал празниците со децата

Точка

04/01/2025

16:01

2.764

Големина на фонт

а а а

Лорен Николсон (34), ќерката на познатиот актер Џек Николсон, сподели фотографии направени за време на празниците со членовите на нејзиното семејство.

Но најмногу ги воодушеви своите следбеници со фотографија од нејзиниот татко (87), кој во последните години ретко се појавува во јавноста. „Сезона на подарување“, напиша таа под низата фотографии. Инаку Лорен и самата е актерка, а на фотографијата се гледа како го прегрнува својот татко додека позираат пред камерата.


Исто така таа сподели и фотографија со нејзиниот помлад брат Рејмонд Николсон, чијашто мајка е поранешната девојка на Џек, Ребека Брусард.


„Ти благодарам што ја сподели фотографијата на татко ти со нас“, „Прекрасни фотографии. Кажи му на тато да се врати пред камерите“, „Татко ти изгледа одлично“, „Поздрави го тато. Тој е најдобар од најдобрите“, беа само дел од коментарите.

Лорен се занимава со актерство поради Џек

Лорен зборуваше за нејзиниот однос со татко ѝ во интервју за „US Weekly“ во 2011 година, кога рече дека тој ја поттикнал да се занимава со актерство.


„Тој е мојот ментор. Продолжувам со семејниот бизнис бидејќи сите сме многу блиски, а тој е таква инспирација. Му се восхитувам“, рече таа, а при тоа го спомна и семејниот совет кој се пренесува од колено на колено.

„Баба ми отсекогаш му велеше на мојот татко: „Биди скромен и нека твојата работа зборува за тебе“. Ова е нешто кое го применив не само во мојата актерска професија туку и во секојдневниот живот“, рече таа.

Својот последен филм го сними во 2010 година

Џек последен пат беше фотографиран во јавноста во април 2023 година кога беше на натпревар на ЛА Лејкерс. Последниот филм во кој глумеше беше „How Do You Know“ од 2010 година.


Некои извори неодамна пишуваа дека Џек се бори со деменција и не може да ги помни текстовите. Меѓутоа, Бил О’Рајли, водител на „Fox News“, се огласи по овие тврдења и рече дека тоа е глупост.

Џефри Мекнаб минатата година зборуваше за „The Independent“ околу отсуството на Џек од јавниот живот.

„Поминаа 14 години од неговиот последен филм. Неговиот пријател, музичкиот продуцент Лу Адлер, во поткаст кажа дека Николсон сега претпочита да го поминува своето време седејќи под дрво и читајќи книга. Тоа е веројатно заслужено, иако неофицијално, пензионирање“, рече тој.