[ВИДЕО] Украинската роботска единица ја оствари својата прва победа во војната

Точка

23/12/2024

20:47

2.543

Големина на фонт

а а а

Украинската бригада на националната гарда викендов организираше операција на напад врз руски позиции во регионот на Харков. Напаѓачката единица се состоеше исклучиво од копнени и летечки дронови. „Станува збор за десетици единици роботска и беспилотна опрема кои истовремено нападнаа мал дел од фронтот“, објасни портпаролот на 13-та бригада на украинската национална гарда.

Импресивен, но загрижувачки потфат

Тоа беше импресивен технолошки подвиг, но и загрижувачки знак на слабост за пренапрегнатите украински сили. Копнените возила без екипаж се екстремно ограничени и не можат целосно да ја заменат пешадијата, пишува Форбс.

Фактот дека бригадата била принудена да изведе напад без луѓе укажува на тоа колку малку војници имаат на располагање во споредба со Русите. Бригадата брани област од околу осум километри на фронтот околу градот Хлибока, јужно од руско-украинската граница, додека од другата страна е сила од четири руски полкови.

Тоа се околу 2.000 Украинци наспроти 6.000 Руси. Ваквиот однос на сили е сличен долж целиот фронт долг 1.300 километри. Руските трупи се значително супериорни по бројност во однос на украинските, без оглед на двојните загуби на руската армија во споредба со украинската армија од почетокот на војната.

Во украинската операција учествуваа летечки дронови извидници, и копнени дронови за поставување мини, еднонасочни експлозивни копнени и летечки дронови, како и вооружени копнени дронови. Од друга страна и Русија исто така се обиде со роботски напади во помал обем, но тие не беа толку успешни.

За зачувување на положбата потребни се луѓе

Проблемот, се разбира, е што роботите – исклучително успешни во извидувањето и нападите – се многу лоши во држењето на позицијата. За зачувување на територијата, армијата користи пешадија во ровови. Тие седат, набљудуваат, чекаат и повикуваат на засилување кога непријателот конечно ќе нападне. Тоа е мачна, исцрпувачка должност која бара постојано внимание.



Тоа внимание тешко е да се задржи кога човечки пилот ја набљудува положбата оддалеку, по пат на сензорите на копнениот робот. Машините се расипуваат, а нивните врски се екстремно ранливи на непријателските опструкции. Исто така не е јасно дали 13-та бригада на украинската национална гарда воопшто се обидела да ги задржи освоените позиции.

По речиси три години војна, Украина несомнено е светски лидер во воената роботика. Сепак, украинската иновација е делумно одговор на очајот. Земјата нема доволно човечки војници за рамноправно да им се спротивстави на Русите.