Европската унија планира целосно да ја забрани продажбата на нови автомобили со мотори со внатрешно согорување до 2035 година, но најновите анкети покажуваат дека ваквата одлука наидува на сериозен отпор, како кај граѓаните, така и во индустријата. Според истражувањето спроведено од "Autoscout" на примерок од 1.000 Германци, само 17 отсто од граѓаните ја поддржуваат ваквата иницијатива.
Во исто време, новоименуваниот комесар за клима од Холандија, Вопке Хоекстра, се залага за идејата за одложување на оваа забрана, што дополнително ги зголемува тензиите меѓу носителите на одлуки. Неговиот став го поддржуваат и одредени земји-членки, како Германија, која претходно се спротивстави на донесувањето на оваа одлука.
Затоа, Европската унија беше принудена да направи компромис, овозможувајќи користење на синтетички горива, што привремено ја смири ситуацијата.
Автомобилската индустрија бара повеќе време
Германските производители на автомобили не молчат по ова прашање. Уште во август, Здружението на германски производители на автомобили (ВДА) предложи крајниот рок за забраната да се помести до 2045 година. Нивните аргументи ја вклучуваат потребата од повеќе време за развој на инфраструктура за електрични возила, како и за зачувување на работните места во традиционалната автомобилска индустрија.
Покрај германските производители загриженост изразија и големи светски компании. "Nissan" неодамна предупреди дека плановите на Велика Британија да ги забранат моторите со внатрешно согорување до 2030 година ќе ја чинат земјата милијарди фунти и ќе доведе до масовни отпуштања. Слични аргументи се почесто се слушаат и во другите европски земји, каде производителите на автомобили тврдат дека преминот кон електрични возила е пребрзо и лошо дизајниран.
Што е следно?
Прашањето за забрана на моторите со внатрешно согорување сега се повеќе се препознава како комплексен предизвик, кој бара балансирање на еколошките цели, економската одржливост и интересите на граѓаните. Иако 2035 година останува официјална цел, сè поочигледно е дека политичките и индустриските притисоци ќе доведат до дополнителни преговори и потенцијално одложување на оваа одлука.