[ФОТО] „Сметиште среде океан“: Единствениот остров во светот кој апсолутно никој не го смета за свој

Точка

10/12/2024

15:17

2.976

Големина на фонт

а а а

Големиот пацифички остров на ѓубрето претставува незамисливо голем куп ѓубре кое лебди над Тихиот Океан помеѓу Калифорнија и Хаваите. Некогаш се нарекува и вртлог на ѓубрето, иако всушност се наоѓа помеѓу два вртлози кои го држат безбедно ѓубрето закотвено и без шанси да „отиде“ некаде.

На Големиот пацифички остров на ѓубрето случајно налетал, Чарлс Мур во 1997 година, кој ја основаше Фондацијата за истражување на морето „Алгалита“ и продолжува да го проучува овој грд „човечки потпис“ до ден-денес.


На една експедиција во 2014 година, неговиот тим со беспилотни летала откри дека количината на ѓубрето е приближно сто пати поголема отколку што претходно се претпоставуваше. Денес се проценува дека пластиката од кое е „изградено“ ѓубрето тежи речиси сто илјади тони.


Глобален проблем, ничија одговорност

Големиот пацифички остров на ѓубрето е всушност местото каде што се спојуваат неразградливиот отпад од запад со оној од истокот. Тоа е зоната на конвергенција каде топлата вода од Јужниот Пацифик се среќава со постудената вода од Арктикот.



Целиот Голем пацифички остров на ѓубрето е ограден со севернопацифичкиот суптропски вртлог формиран од Калифорниската струја, Северната екваторијалната струја, струјата Курошио и Севернопацифичката струја, а средината, каде плови фрлената пластика, е всушност тивок дел.


Пластичниот отпад во морето е многу опасен за флората и фауната. Не само што животните можат да се заплеткаат во него и да се повредат доколку го изедат, туку и фото – деградацијата на пластиката ослободува штетни хемикалии кои ги загрозуваат алгите и планктонот – со други зборови, целиот синџир на исхрана е затруен.



Меѓутоа, по повеќегодишно истражување научниците во студијата објавена минатата година открија дека се случува уште нешто. Имено на пластиката на ѓубриштето на Пацификот, тие открија напредни заедници на крајбрежни животни, за кои сè уште не е јасно дали дошле сред океанот преку ѓубрето или на некој поинаков начин отпатувале толку далеку од своите природни живеалишта.



Одговорноста за огромниот остров на ѓубрето не ја презема ниту една земја, па затоа иницијативите за расчистување и решавање на овој глобален проблем најчесто ги преземаат наднационални организации или нивните еколошки секции. Проекциите не се оптимистични, особено што неодамнешните истражувања покажаа дека количината на пластика за која се зборуваше е само врвот на „сантата на ѓубрето“, а најголемиот дел од отпадот, според океанографите, завршува на морското дно.