„Ова тврдење е општо познато кога се работи за срцев удар, бидејќи степенот на оштетување на срцевиот мускул при акутен срцев удар е директно поврзан со времетраењето на оклузија односно затворање на коронарната артерија. Колку подоцна се отвори засегнатата - инфарктна артерија, толку поголем дел од срцевиот мускул останува неповратно оштетен, односно изумира. Затоа се вели дека „Времето е срцев мускул“, вели доц. д-р Оливер Бушљетиќ – интервентен кардиолог во Клиника Жан Митрев.
Срцето, како и сите останати мускули во нашето тело, за нормално функционирање има постојана потреба од кислород и низа хранливи материи. Тие ги добива со коронарната циркулација, односно преку крвта која минува низ коронарните артерии. Тоа се всушност двете артерии, десна и лева, кои излегуваат од аортата, веднаш над аортната валвула, се движат по површината на срцето и даваат многу гранки. Тие понатаму се делат на помали гранки кои навлегуваат во срцевиот мускул и обезбедуваат исхрана на истиот.
Приказ на коронарни артерии со неивазивна КТ коронарографија
Д-р Бушљетиќ објаснува дека кај акутниот миокарден инфаркт (АМИ), попознат како акутен срцев удар, најчесто се случува оклузија, односно затворање, зачепување, запушување на некоја од коронарните артерии кое ја прекинува циркулацијата на крвта во тој дел срцевиот мускул. Најчесто причина за затворање е тромб (згрутчена крв) кој се формира на местото каде што има задебелување/наслаги на ѕидот на артеријата настанат со таложење на различни супстанции, пред се масти. Овие наслаги се познати како атеросклеротична плаки.
Кога почнуваат првите знаци за атеросклероза на нашите крвни садови?
„Почетоците се многу порано отколку што можете да претпоставите. Имено, во зависност од начинот на живот и генетските предиспозиции, наслагите кои ја предизвикуваат атеросклерозата на крвните садови, а потоа доведуваат до прекин во циркулацијата и акутен срцев инфаркт, може да се појават уште пред 40-та година од животот. Овој прекин на циркулацијата предизвикува прекин во исхраната – снабдувањето на срцевиот мускул со хранливи материи, поради што започнуваат низа промени во зафатениот срцев мускул кои потоа доведуваат до трајни оштетувања односно изумирање на тој дел од срцевиот мускул“, објаснува доц. д-р Бушљетиќ интервентен кардиолог во Клиника Жан Митрев.
Големината на оштетувањето, односно колкав дел од мускулот ќе биде оштетен зависи од локализацијата и времетраењето на срцевиот удар.
Колку засегнатата артерија е поголема нејзиното затворање ќе доведе до потешко, поголемо оштетување мускулна маса на срцето односно до потешки последици од причина што таа исхранува поголема мускулна маса. На пример, затворање на почетниот дел на најголемата коронарна артерија (Предната Десцедентна Артерија (ПДА)), доведува до тешки оштетувања и до смртен исход. Затоа срцевиот удар настанат како резултат на нејзино затворање се нарекува и “widow maker” (создавач на вдовици – слободен превод)
Времетраењето на срцевиот удар, е одредено од моментот на затворање на инфарктната артерија и прекин на циркулацијата. Се манифестира клинички со појава на тегоби, пред се градна болка. Колку времетраењето е подолго, толку и оштетувањата на мускулот ќе бидат поголеми. По период од околу три часа започнува трајно оштетување односно “изумирање” на тој дел од срцевиот мускул. Со понатамошно траење на состојбата без да биде санирана, овие промени се шират и зафаќаат се поголем дел од мускулот.
Затоа лекувањето на срцевиот удар се состои во брзо отворање на инфарктната артерија, воспоставување на проток на крвта, односно циркулација и исхрана на срцевиот мускул. Отворањето најчесто се прави механички, со инвазивна коронарна процедура односно со поставување на стент. Поретко е фармаколошки, односно со давање на лек интравенски.
Доколку ова се постигне во првиот час од почетокот на тегобите, срцевиот удар нема да остави последици, или тие ќе бидат минимални и нема да влијаат на понатамошниот квалитет на живот на пациентот. Тоа е правилото на “ЗЛАТЕН ЧАС”, односно успешно отворање на инфарктната артерија во првиот час по затворањето и почеток на тегобите.
Затоа, при сомнение за срцев удар, потребно е пациентот веднаш да се јави во најблиска здравствена установа заради брза и точна дијагноза.
На локализацијата на срцевиот удар не може да влијаеме, но затоа може да влијаеме на времетраењето. Раната и точна дијагноза на срцев удар, со кратко времетраење до почетокот на третман, овозможува негово успешно лекување.
Препорака од д-р Оливер Бушљетиќ е да не се чека до моментот кога докторите ќе треба да се борат со времето. Веднаш штом се појави каков било симптом одете на преглед.
Во Клиника Жан Митрев се применува широка палета на превентивни кардиолошки испитувања кои може правовремено да откријат болест на коронарните артерии, пред да настане срцевиот удар. Такви се:
- Ехокардиографијата (ултразвучен преглед на срцето)
- Коронарниот стрест тест (особено со новите техники на HyperQ),
- Одредувањето на калциум-скор на коронарните артерии
- Доплер на каротидни артерии итн.
Одредување на Калциум-score на коронарни артерии. Се гледа значајна количина на калциум на почетен дел на ПДА, кај пациент пушач и покачен холестерол во крвта.
Сите овие методи можат да ги откријат промените на коронарните артерии, пред да се појават тегоби односно симптоми. Ова е особено важно за поединци кои се сметаат за целосно здрави, бидејќи немаат симптоми, но имаат значајни ризик фактори кои не ги сфаќаат сериозно. Во оваа група спаѓаат пушачи, (и оние кои сметаат дека 10 цигари не се страшни), оние кои имаат „малку“ покачени масти (но можат брзо да ги симнат бидејќи знаат што да пијат или ќе држат диета), оние со „малку“ покачен крвен притисок, оние со „малку“ покачена телесна тежина (ама не е проблем, со диета брзо ќе ослабат)” и слично.
Дали се препознавте во некоја од групите?
Срцето пумпа околу 5 литри крв во минута или 300 литри за еден час, 7200 литри за 24 часа или за една година срцето ќе испумпа околу 2 700 000 литри крв.
Не му е лесно на вашето срце, затоа чувајте го и погрижете се да делувате превентивно.