[ФОТО] Која е сопругата на ал Асад? Од „пустинска роза“ и симбол на слободата до омразената „Леди Макбет“: Никогаш не носи хиџаб и играла истакната улога во диктатурата

Точка

09/12/2024

20:02

6.041

Големина на фонт

а а а

Асма ал Асад, 49-годишната сопруга на Башар ал Асад порано беше позната како една од најголемите модни икони на арапскиот свет, а со својот модерен стајлинг каде и да се појавеше секогаш привлекуваше внимание пишува Дејли мејл.

Поранешната прва дама на Сирија некогаш ја нарекуваа „пустинската роза“ или „арапската Леди Ди“.

Откако изби војната во Сирија во 2011 година, и сопругата на Башар почна да ја бие лош глас. Медиумите пишуваа како таа слободно и безгрижно живее во луксуз, додека нејзините сонародници страдаат во воени услови.


Кој е Асма ал Асад?

Родена е во Лондон како ќерка на успешен кардиолог и висока сириска дипломатка, а се школувала во престижни училишта.

Нејзиното воспитување не се разликувало многу од она на нејзините врсници во британската престолнина.

Со години таа била симбол за ослободување на жените на Блискиот Исток благодарение на нејзината успешна кариера во банкарството, како и нејзиното секуларно британско воспитување и елегантниот имиџ.


Асма дипломирала компјутерски науки и француска книжевност на Кралскиот колеџ во Лондон во 1996 година и започнала кариера во инвестициско банкарство во големи фирми, вклучувајќи ги „Deutsche Bank“ и „JPMorgan“. Четири години подоцна, таа се омажила за Асад (59) во Сирија истата година кога тој ја презеде контролата врз земјата по смртта на неговиот татко Хафез ал Асад, кој почина на 69-годишна возраст.


Заедно имаат три деца, два сина, Хафез и Карим и ќерката Зејн, а се претпоставува дека тие сега се со родителите и се обидуваат да најдат безбедно засолниште.

Во февруари 2010 година, најпознатиот моден магазин во светот „Вог“ ја опиша Асма ал-Асад како „најсвежата и најмагнетната прва дама“, но во 2012 година тие го повлекоа тоа интервју по реакциите на јавноста за војната во Сирија.

Како што растеше нејзината улога во диктатурата на Асад, сликата за неа како модерна, прогресивна жена се распадна.


Инаку, како што се пишуваше, сириските власти во мај оваа година преку соопштение за медиумите објавиле дека првата дама Асма ал Асад има леукемија. Таа била подложена на посебен протокол за третман кој бара изолација и затоа морала да ги прекине јавните активности. Во август 2019 година, Асма објави дека целосно закрепнала од ракот на дојка, за кој изјавила дека бил откриен рано.


Минатата година таа го придружуваше сопругот во посета на Обединетите Арапски Емирати, што беше нејзино прво официјално патување во странство во придружба на нејзиниот сопруг од 2011 година.


За неколку дена Асадови ќе ја прослават 24-годишнината од бракот, но овој пат, судејќи по сè, околностите се сосема поинакви од претходните години.