Снимката објавена на социјалните мрежи покажува колекција скапи автомобили кои наводно му припаѓале на соборениот сириски претседател Башар ал Асад, а автомобилите биле сместени во големо складиште во близина на палатата во Дамаск.
Едно видео, снимено од поединец додека се вози помеѓу колекцијата автомобили, а потврдено од „CNN“, покажува повеќе од 40 луксузни возила во големо складиште во западен Дамаск, северно од населбата Ал-Мазех.
Некои од автомобилите кои се гледаат на снимката вклучуваат црвено Ферари Ф50, кое инаку се продава за повеќе од 3 милиони долари, потоа Ламборгини, Ролс Ројс и Бентли, а најмалку едно од возилата има регистарски таблички од Дамаск.
Друго видео направено од луѓе кои шетаат низ складиштето ја прикажува истата колекција на автомобили.
Соочен со неверојатно брзата офанзива на бунтовниците, Асад и неговото семејство избегаа во Москва каде добија политички азил, соопшти претходно за Си-ен-ен официјален извор од Русија.
Од Сиднеј до Стокхолм, сириските заедници ширум светот го слават падот на режимот на Башар ал Асад по повеќе од 50 години брутална диктатура на неговото семејство.
„Изгубивме надеж пред неколку години. Но, сега надежта се враќа. Подготвени сме за сè што нѝ претстои. Ние сме едноставно среќни. Не може да биде подобро“, вели еден Сириец.
Во главниот град на Шведска, стотици Сиријци се собраа на големиот јавен плоштад, веејќи знамиња во зелена, црвена, црна и бела боја на сириската опозиција, а Сиријците славеа и во Даблин и Лондон.
Во Германија, каде што живеат најмногу сириски бегалци надвор од Блискиот Исток, стотици излегоа на улиците на главниот град Берлин во неделата – многумина држејќи постери со лицето на Асад пречкртано со црвено.