[ФОТО] Кој е мистериозниот шеик од сенка? Се претставувал со лажно име, има врски со Трамп и гради империја на технологијата на иднината

Точка

05/10/2026

21:35

514

Големина на фонт

а а а

Шеикот Тахнун бин Зајед Ал Нахјан е еден од најмоќните луѓе во Обединетите Арапски Емирати, иако неговото име до неодамна беше речиси непознато надвор од регионот. Како член на владејачкото семејство, советник за национална безбедност и еден од клучните актери во емиратскиот финансиски систем, Тахнун денес има сè позначајна улога и во глобалната трка за превласт во областа на вештачката интелигенција.

И покрај неговото влијание, деталите од неговиот ран живот долго време остануваа обвиени со мистерија. Во текот на деведесеттите години, додека студирал во Сан Диего, тренирал бразилско џиу-џицу и настапувал под името Бен. Луѓето кои тогаш го познавале не знаеле многу за него, освен дека потекнува од Блискиот Исток, дека е повлечен, дисциплиниран и исклучително посветен на тренинзите, пишува „Гардијан“.

Син на основачот на Обединетите Арапски Емирати

Дури подоцна сфатиле дека станува збор за синот на основачот на ОАЕ, шеикот Зајед бин Султан Ал Нахјан.


Еден од луѓето кои тренирале со него се присетил дека „Бен“ често останувал по тренингот за да ги исчисти душеците. Кога подоцна повикал некои од своите тренери во Абу Даби, тие откриле дека центарот за боречки вештини каде требало да работат всушност бил сместен во една од семејните палати.

Тахнун подоцна стекнал црн појас во џиу-џицу, но многу повеќе од спортот го обликувале натпреварувачкиот дух, опседнатоста со стратегија и фасцинацијата со технологијата.

Денес тој надгледува деловна империја чија вкупна вредност се проценува на околу 1,5 билиони долари. Неговите интереси се протегаат од банкарство, недвижности и здравство до енергетика, инфраструктура, климатски фондови и технолошки компании.

Под негово влијание се наоѓаат „First Abu Dhabi Bank“, „Royal Group“ и големи инвестициски фондови поврзани со државата.

Границата меѓу неговото приватно богатство, имотот на владејачкото семејство и државните средства често тешко може да се разграничи, што со години е предмет на критики.

Не бил предодреден за престолот на Абу Даби, управува со семејните бизниси

Тахнун припаѓа на таканаречените „синови на Фатима“, односно на групата синови на шеикот Зајед и неговата трета сопруга Фатима Ал Кетби.

Токму тие со текот на времето станаа јадрото на политичката и економската моќ во ОАЕ.

Тахнун, како помлад брат, не бил предодреден за престолот на Абу Даби. Наместо тоа, добил улога во управувањето со семејните бизниси и имотот.

Кон крајот на деведесеттите години ја основал „Royal Group“, која станала еден од главните инвестициски инструменти на семејството Ал Нахјан.

По смртта на неговиот татко во 2004 година, неговото влијание нагло пораснало. Станал човек кој подеднакво добро се снаоѓа во банкарските кругови, во преговори со странски државници и во рамките на традиционалниот емиратски дворец.

Познат е по исклучително натпреварувачкиот карактер. Кон крајот на деведесеттите, наводно толку многу сакал да ги победи своите браќа во видеоиграта „Age of Empires“, што ангажирал еден од нејзините програмери приватно да го тренира.

Подоцна го финансирал развојот на суперкомпјутерот „Hydra“, наменет за играње шах, кој во еден период успевал да победува и велемајстори.

Таа комбинација од стратегија, технологија и потреба за контрола се пренела и во неговата деловна и политичка работа.

Од финансии до безбедносен апарат

Тахнун со години градел репутација на човек кој ги поврзува парите, стратегијата и безбедноста.

Во 2014 година станал заменик-советник за национална безбедност на ОАЕ, а две години подоцна презел водечка улога во таа област.

Во тој период Емиратите интензивно инвестирале во дигитален надзор, сајбер-безбедност и разузнавачки капацитети.

Една од најпознатите програми била „Project Raven“, во која учествувале поранешни американски разузнавачи и експерти за сајбер-безбедност.


Програмата официјално била насочена кон борба против тероризмот, но подоцнежните истраги покажале дека меѓу целите биле и дисиденти, активисти, новинари, странски државјани и политичари.

Контроверзии ја следеле и компанијата „DarkMatter“, поврзана со емиратските безбедносни структури.

Според истражувања на меѓународни медиуми и организации за дигитални права, нејзините алатки биле користени за надзор на противници на власта и други лица кои емиратските власти ги сметале за закана.

Тахнун подоцна ја згаснал „DarkMatter“ и ги реорганизирал нејзините активности.

Токму од тој период започнува неговиот силен пресврт кон вештачката интелигенција.

Г42 како клуч на емиратската стратегија за вештачка интелигенција

Во центарот на таа нова стратегија се наоѓа компанијата Г42, која станала еден од најважните инструменти во амбицијата на ОАЕ да стане глобална сила во областа на вештачката интелигенција.

Името на компанијата е инспирирано од романот „Автостоперски водич низ галаксијата“ на Даглас Адамс, во кој бројот 42 е одговорот на „крајното прашање за животот, универзумот и сè останато“.

Г42 развива инфраструктура за вештачка интелигенција, центри за обработка на податоци, безбедносни системи и технологии за анализа на големи количини податоци.


Компанијата сака вештачката интелигенција да ја претвори во основна инфраструктура, слично на електричната енергија или водата.

Нејзините безбедносни системи нудат алатки за анализа на однесувањето, мапирање на односите и проценка на заканите, што дополнително ја зголемува загриженоста на критичарите поради тесните врски меѓу технолошката и безбедносната сфера во ОАЕ.

Сепак, Г42 успеала да изгради партнерства со најголемите американски технолошки компании.

„Мајкрософт“ инвестирал 1,5 милијарди долари во компанијата, а неговиот потпретседател Бред Смит добил место во управниот одбор.

Г42 и фондовите поврзани со неа соработуваат или инвестираат во компании како „Опен еј-ај“,, „Антропик“ и „Икс еј-ај“.


Директорот на „Опен еј-ај“ Сем Алтман, го опишал Тахнун како близок пријател.

Компанијата во минатото била предмет на критики поради своите врски со емиратските безбедносни структури.

Еден од првите познати производи била „ТоТок“, апликација за допишување која „Њујорк тајмс“ ја опишал како алатка за надзор на корисниците.

Г42 ги отфрла тврдењата дека учествува во незаконски надзор и наведува дека работи во согласност со законите, правилата за заштита на податоците и меѓународните стандарди.

Врски со Трамп и спорот околу чиповите за вештачка интелигенција

Тахнун има блиски врски и со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп. Американските институции со години внимателно го следат растот на емиратското политичко и економско влијание во Вашингтон.

Администрацијата на Бајден претходно го ограничила извозот на најнапредните чипови за вештачка интелигенција во ОАЕ поради загриженост за блиските односи на Абу Даби со Кина.

Администрацијата на Трамп подоцна ја променила таа политика и овозможила извоз на голем број напредни чипови во Емиратите.

Голем дел од таа технологија би требало да биде искористена токму за проектите на компанијата Г42.


Дополнително внимание предизвикал податокот дека инвестициски фонд поврзан со Тахнун вложил две милијарди долари во криптовалутата на компанијата „Ворлд Либерти“, поврзана со семејството Трамп.

Тахнун исто така станал голем инвеститор во таа компанија.

Белата куќа и „Ворлд Либерти“ негирале дека постои поврзаност меѓу тие инвестиции и одлуката за извоз на чипови.

Демократската сенаторка Елизабет Ворен јавно ги критикувала ваквите аранжмани и ги опишала како потенцијален судир на интереси, додека нивните актери тврдат дека станува збор за целосно одвоени деловни и државни одлуки.

Вештачката интелигенција како нова нафта

Во врвот на ОАЕ владее уверување дека вештачката интелигенција во наредните децении ќе има значење какво што нафтата имала во текот на 20 век.

Оној кој ги контролира чиповите, центрите за обработка на податоци, енергијата и напредните модели, би можел да контролира еден од најважните ресурси на иднината. Затоа Емиратите вложуваат огромни суми во инфраструктура за вештачка интелигенција.

На брегот на ОАЕ се гради комплекс за вештачка интелигенција со проектирана моќност од пет гигавати, кој би требало да стане еден од најголемите центри од ваков тип во светот.


Г42 истовремено учествува и во финансирање на изградба на дата-центри и друга инфраструктура во САД.

„Мајкрософт“ и Г42 основале и фондација посветена на „одговорен развој и примена на вештачката интелигенција“, со седиште во Абу Даби.

На тој начин Тахнун се обидува да ги позиционира ОАЕ не само како купувач на американска технологија, туку и како еден од клучните играчи во глобалната економија на вештачката интелигенција.

Критики поради човековите права и надзорот

Неговата растечка моќ предизвикува сериозна загриженост кај организациите за човекови права.

ОАЕ со години се соочуваат со обвинувања за политичка репресија, тајни притвори и дигитален надзор на противниците на власта.

Меѓу најпознатите случаи е британскиот академик Метју Хеџис, кој во 2018 година бил уапсен под обвинение за шпионажа додека во ОАЕ ја истражувал националната безбедносна политика на земјата. Тој бил осуден на доживотен затвор, но подоцна бил помилуван.


Хеџис тврди дека за време на повеќемесечниот притвор бил изложен на тешко малтретирање, долги испрашувања и закани.

Властите на ОАЕ ги отфрлаат тие тврдења и наведуваат дека тој не бил мачен ниту изложен на нечовечко постапување.

Емиратскиот активист Ахмед Мансур, исто така, со години бил цел на дигитален надзор пред да биде уапсен и осуден на десет години затвор.

Истражувачи тврделе дека податоците од неговите електронски уреди завршувале на сервери поврзани со адресата на канцеларијата на Тахнун.

Неговиот случај често се наведува како пример за ризиците што настануваат кога напредната технологија за надзор се поврзува со авторитарен политички систем.

ОАЕ ги отфрлаат обвинувањата дека систематски ја злоупотребуваат технологијата за незаконски надзор.

Зошто контролата врз вештачката интелигенција е толку важна?

Прашањето што го поставуваат критичарите е што се случува кога човек кој има големо влијание врз разузнавачките и безбедносните структури истовремено контролира важни делови од глобалната инфраструктура за вештачка интелигенција.

Вештачката интелигенција денес повеќе не е само алатка за пребарување податоци или автоматизација на работни процеси.

Луѓето ја користат за комуникација, работење, образование, советување, па дури и за разговори за најинтимните делови од приватниот живот.


Тоа значи дека компаниите што ги развиваат и одржуваат таквите системи имаат пристап до огромни количини податоци.

Поради тоа, прашањето кој ја контролира технологијата станува речиси подеднакво важно како и самата технологија.

Критичарите на Тахнун предупредуваат дека концентрацијата на политичка, финансиска, разузнавачка и технолошка моќ би можела да создаде систем во кој е многу тешко да се разграничат деловните интереси од државниот надзор.

Неговите поддржувачи, пак, сметаат дека токму способноста на ОАЕ брзо да донесуваат одлуки и да инвестираат огромни количества капитал претставува нивна предност во однос на побавните западни системи.


ОАЕ – држава која нуди поинаков модел на развој

ОАЕ веќе со години се обидуваат да се претстават како држава која нуди поинаков модел на развој.

Политички партии не постојат, протестите и синдикалното организирање се строго ограничени, а политичката власт е концентрирана во рацете на владејачките семејства.

Истовремено, земјата развила исклучително поволно деловно опкружување и станала еден од најважните финансиски и логистички центри на Блискиот Исток.

Емиратите имаат голем број економски „слободни зони“, кои им нудат посебни даночни и правни поволности на компаниите.

Надвор од своите граници, Абу Даби изградил мрежа од пристаништа, инвестиции, безбедносни партнерства и политички сојузништва ширум Блискиот Исток и Африка.

Критичарите ги обвинуваат ОАЕ дека поддржуваат авторитарни режими и вооружени групи во одредени регионални конфликти, додека Абу Даби својот ангажман го претставува како борба за стабилност и безбедност.

Во тој модел, вештачката интелигенција претставува нов инструмент на влијание.

Наместо директна контрола на територии, моќта се гради преку контрола на клучните точки низ кои минуваат парите, трговијата, енергијата, технологијата и информациите.

Војната со Иран ја покажа и ранливоста на стратегијата

Амбициозната стратегија на ОАЕ за вештачка интелигенција се соочила и со сериозни безбедносни ризици.

За време на војната со Иран, иранските напади погодиле и центри за обработка на податоци во ОАЕ, додека Техеран објавил листа на технолошки локации кои ги смета за легитимни воени цели.

Тоа го отворило прашањето дали изградбата на огромна инфраструктура за вештачка интелигенција во геополитички нестабилен регион претставува преголем ризик.


Тахнун потоа, според наводите на меѓународните медиуми, учествувал во дискретни дипломатски разговори со ирански претставници.

До средината на годината наводно бил постигнат договор, по кој иранските напади врз ОАЕ престанале.

Набргу потоа, САД дополнително ги ублажиле ограничувањата за извоз на напредни чипови за вештачка интелигенција во Абу Даби.

Овој тек на настани дополнително покажа колку во случајот на Тахнун се испреплетуваат финансиите, технологијата, дипломатијата и безбедноста.

Човек кој останува во сенка

И покрај огромното влијание, Тахнун речиси никогаш не дава интервјуа и ретко се појавува во јавноста.

Познат е по тоа што ги избегнува медиумите, носи темни очила и најважните деловни зделки ги води далеку од камерите. Луѓето кои соработувале со него го опишуваат како исклучително дисциплиниран, стратешки ориентиран и опседнат со победа.


Неговите критичари предупредуваат дека токму концентрацијата на политичка, финансиска, безбедносна и технолошка моќ во рацете на еден човек претставува сериозен ризик.

Неговите поддржувачи, од друга страна, го гледаат како архитект на идниот економски модел на ОАЕ и како човек кој меѓу првите сфатил колку вештачката интелигенција ќе биде важна за глобалната моќ.

Она што е неспорно е дека Тахнун се обидува да ги позиционира Емиратите таму каде што верува дека во иднина ќе се наоѓа вистинската моќ – во чиповите, податоците, центрите за обработка на податоци и инфраструктурата за вештачка интелигенција.