"Bugatti", бренд со богата историја на револуционерни моменти, повторно влегува во автомобилските анали“, стои на почетокот на соопштението за новиот соборен рекорд.
Три модели – "Veyron 16.4 Super Sport World Record Edition", "Veyron 16.4 Grand Sport Vitesse World Record Edition" и "Chiron Super Sport 300+" – ги соборија светските брзински рекорди. Сега "W16 Mistral World Record Car" постигна нов светски брзински рекорд за возила со отворен покрив, со брзина од 453,91 km/h.
Рекордот беше соборен на полигонот "ATP Automotive Testing Papenburg GmbH" во Германија.
Ловот на "Bugatti" по рекорди започна во јуни 2010 година, кога "Veyron 16.4 Super Sport" достигна брзина од 431,07 km/h. "Bugatti" потоа ги прошири своите инженерски иновации на возила со отворен покрив. Три години по "Veyron 16.4 Super Sport", моделот "Veyron 16.4 Grand Sport Vitesse" достигна брзина од 408,84 km/h со спуштен покрив, приспособувајќи се на силата на ветрот. Во 2019 година, со "Chiron Super Sport 300+", повторно беше соборен светскиот рекорд за автомобил со затворена кабина, со брзина од 490,48 km/h.
Оваа година "Bugatti" уште еднаш се обиде да го победи претходниот резултат со возило со отворен покрив. Проектот кулминираше со настан на 9 ноември во Папенбург, по повеќемесечна подготовка и тестирање.
Енди Валас, официјалниот тест-возач на "Bugatti" и победник на трката 24 часа Ле Ман, седна зад воланот на "W16 Mistral World Record Car" и го подготви возилото за патеката. Компанијата "SGS-TÜV Saar GmbH" официјално го потврди новиот светски брзински рекорд за автомобил со отворен покрив, со постигната брзина од 453,91 km/h.
„За време на целата тест програма до овој момент, беше неверојатно да се види стабилноста на болидот – имав чувство дека сака да оди побрзо. Што се однесува до моментот на соборување на рекордот, сакам да истакнам дека искуството беше исклучително возбудливо! Доживување на силите во кабината со отворен покрив, звукот на моторот "W16" – сето тоа го направи ова достигнување неверојатно емотивно“, објасни Енди Валас.
За прв пат, клиент на "Bugatti" беше сведок на соборување на рекорд. Тој клиент, сопственик на "W16 Mistral World Record Car", сакаше да ја надополни својата колекција, која веќе ги вклучува "Veyron 16.4 Super Sport", "Veyron 16.4 Grand Sport Vitesse World Record Edition" и "Chiron Super Sport 300+".
„Од своето основање во 1909 година, "Bugatti" се стреми да ги надмине поставените граници на она што е можно во областа на луксузот, елеганцијата и перформансите. Низ историјата на брендот "Bugatti", автомобилите со светски рекорди претставуваат олицетворение на брзина и моќ, соборување на границите и редефинирање на што се способни возилата на "Bugatti".
И сега, благодарение на достигнувањето на "W16 Mistral World Record Car", ние сме сведоци не само што се повторува историјата, туку и се создава нова историја. Горди сме на целиот наш тим кој го овозможи ова достигнување, карактеризирано со страст и стремеж кон совршенство. Ова е она што го дефинира "Bugatti"“, коментира Мате Римац, главен извршен директор на "Bugatti Rimac".