Наскоро би можеле да видиме голема промена во автомобилскиот свет.
"Stellantis", производителот на "Peugeot", "Citroen", "Fiat" и "Opel", изгуби 14% од својата вредност на берзите во Милано и Париз во понеделникот. "Volkswagen" загуби нешто повеќе од 2%, "BMW" и "Mercedes" околу 3%. Во Европа во првите шест месеци од оваа година се продадени за 15% помалку автомобили од лани, а не им цветаат рози на европските производители ни на глобално ниво.
"Stellantis" се бори со разочарувачката продажба на автомобили, особено во САД, каде што "Fiat", "Alfa" и "Chrysler" собираат прашина во салоните. Во Италија, "Stellantis" драматично губи. Во септември во земјата се продадени за 11% помалку автомобили отколку во истиот месец минатата година, а "Stellantis" забележа продажен дефицит од над 30%.
Конгломератот на брендови изгуби повеќе од 40 милијарди евра во вредност за шест месеци, а компанијата веќе најави дека ќе го прекине производството на новиот електричен "Fiat 500" во Торино најмалку до ноември, а повторно се појавуваат гласините за можно партнерство или дури и спојувањето со францускиот производител "Renault".
На почетокот на оваа година веќе имаше многу шпекулации за далекосежна соработка меѓу овие две компании, но во Париз и во Торино гласините секогаш беа демантирани.
Со истекот на договорот на извршниот директор на "Stellantis", Карлос Таварес, во 2026 година, компанијата бара наследник, а најмногу се споменува името на Лука де Мео.
Актуелниот директор на "Renault" и претседател на "ACEA", Де Мео, се залага за европските производители на автомобили да работат заедно за да ги намалат трошоците, да се справат со кинеската конкуренција и да ги исполнат европските барања за емисии.
Тој би се залагал за своевиден модел на "Airbus" за автомобилската индустрија – спојувањето на "Stellantis" и "Renault" би можело да биде првиот чекор во паневропската соработка, а на салонот во Париз е планирана средба меѓу Карлос Таварес ("Stellantis"), Лука де Мео и извршниот директор на "BMW", од Оливер Ципсе.
Според италијанскиот весник „Il Sole 24“, тема на разговор ќе биде евентуален мегасојуз на овие три компании.