Првиот ден од октомври 2024, во модниот календар ќе биде забележен како датум кога Шанел на грандиозен начин се врати во „Grand Palais“ по пауза од неколку години. Импозантната зграда покрај Сена, долго време беше дом на некогашниот креативен директот на Шанел, легендарниот Карл Лагерфелд, којшто на ова место приредуваше незаборавни настани.
Француската модна куќа Шанел, на која по традиција и припаѓа честа да ја затвори модната недела во Париз, донираше средства за реставрација на Палатата, повторно отворена по Олимписките игри, а нејзиниот главен влез сега го носи името на Коко Шанел.
За неколку дена ќе биде откриено кој ќе ја наследи Виржини Вијар на позицијата нов креативен директор, но мора да се признае дека колекцијата пролет/лето 2025, потпишана од „Studio de Creation“, ги оправда очекувањата на Шанел, пред сè благодарение на оддавањето на чест на жените кои, по примерот на Габриел Шанел се ослободиле од општествените норми и започнале револуција, секоја на сопствен начин.
Во центарот на салата, беше поставен џиновски бел кафез за птици, кој го симболизира токму тоа – летот кон слободата. На пистата се појавија 76 модели, а можеше да се забележат класични Шанел парчиња, но и „бомбер јакни“, комбинезони од лесни материјали, пелерини, костуми, чевли со платформа, и секако краткиот црн фустан, но и по стилизирана и пораскошна верзија.
Кодексот на модната куќа беше максимално испочитуван. Тука беше незаобиколениот „tweed“ во пастелни нијанси на пролетта и летото, како и симболични детали од пердуви, бидејќи птиците беа лајтмотивот.
Поставениот кафез потсетуваше на оној во којшто Ванеса Паради во 1991 година сними кратко видео „L’Espirit de Chanel“ за парфемот „Coco“, а познатата пејачка и актерка ја следеше оваа ревија од првите редици.
Во согласност со „крилестата“ идеја на ревијата, во заднина можеше да се слушне и песната на Принц „When Doves Cry“ во интерпретација на Рајли Кео, ќерката на Лиза Мари Присли.