Британската убавица Роузи Хантингтон-Вајтли на јавноста ѝ стана позната пред повеќе од 10 години, а нејзината соработка со брендот „Victoria's Secret“ ја вивна меѓу ѕвездите.
Таа често на социјалните мрежи објавува фотографии кои ги оставаат нејзините фанови без здив, а во прв план се нејзините долги нозе за кои многумина велат дека се „првите нозе на Холивуд“.
Според нејзините зборови, совршената форма ја одржува така што практикува наизменичен пост - што значи дека јаде во период од 8 до 10 часа.
„Тоа му дава шанса на моето тело да свари сè“, објаснува манекенката.
Роузи го започнува денот во 8 часот наутро со лате од овесно млеко. Потоа се обидува да ги заврши сите дневни оброци до 18 часот, за да му дозволи на телото да влезе во циклус на одмор и варење.
„Кога и да ми дозволува денот, од 9 часот наутро сум во теретана. Секогаш сум активна, мојата мајка беше инструкторка по аеробик, па ги охрабруваше моите браќа, сестри и јас да бидеме спортски тип на личност. И покрај фактот дека морам да бидам во форма поради мојата кариера, јас сум една од оние луѓе кои искрено сакаат да вежбаат - она што го правам зависи само од моето расположение или распоред“, рече таа во една прилика.
Манекенката секое утро пие по еден литар вода, а се стреми тоа да бидат најмалку 3 литри дневно.
„Се обидувам да внесувам многу немасни протеини како риба и пилешко со свежи салати и зеленчук. Во изминатата година малку се откажав од црвеното месо бидејќи сум убедена дека прави да се чувствувам тешко и тромаво. Исто така сум голем заговорник за соковите од зеленчук. Не сум строга. Нема да јадам тестенини вечерта пред да снимам реклама во долна облека, но знам да си дадам оддишка“, рекла Роузи, пренесува „Women's Health“.
Инаку, таа е во брак со актерот Џејсон Статам кој е 20 години постар од неа, а нивната врска датира уште од 2009 година.
Таа тогаш имаше 22 години и беше многу позната во светот на манекенството, а за разлика од многу други славни парови, тие внимателно ја криеја својата врска. Сепак, во 2016 година папараците го фотографираа свршеничкиот прстен на нејзината рака. Истата година, Роузи се појави на црвениот тепих со труднички стомак, а веќе следната го роди синот Џек Оскар Статам. Двојката пред две години доби и девојче.