Од „WhatsApp“ потврдиле дека ќе им овозможат на своите корисници да ги уредуваат веќе испратените пораки, потег кој ќе го изедначи со конкурентите како „Telegram“ и „Signal“, кои ја нудат истата функција.
Корисниците ќе можат да ги едитираат пораките во рок од 15 минути по нивното испраќање, а функцијата ќе биде достапна за вкупно 2 милијарди корисници на апликацијата во наредните недели. Индија е најголемиот пазар за „WhatsApp“, бидејќи има 487 милиони корисници. „Од поправање едноставни правописни грешки до додавање нов контекст на пораката, возбудени сме што ќе им понудиме на корисниците поголема контрола врз нивните разговори. Потребно е само долго притискање на испратената порака и избирање од менито „edit“ до 15 минути по испраќањето на пораката“, пишувало во блогот.
Изменетите пораки ќе бидат означени како „еdited“, така што примателите ќе бидат свесни дека содржината на пораката е менувана. Од друга страна, пак, нема да им се покаже првичниот текст на пораката.
„WhatsApp“ добива функција „edit“ откако пристигнала истата на „Telegram“ и „Signal“.
Социјалната мрежа „Facebook“ ја има истата функција веќе 10 години, а тогаш било објавено дека повеќе од половина од корисниците почнале да пристапуваат на страницата преку мобилните телефони, што секако е начин кој е повеќе подложен на грешки при пишување. На „Facebook“, едитираните пораки се означени со натписот „edited“, а достапна е и историја на промени која корисниците можат да ја прегледаат. Минатата година, Илон Маск ја објавиж можноста за едитирање веќе објавени твитови за претплатниците на „Twitter“. Tвитовите може да се едитираат во период од 30 минути по објавувањето.