Ни овогодишниот Кански филмски фестивал нема да пројде без познатата манекенка и една од најпознатите природни убавици на светот, Петра Немцова.
Петра допатувала во Кан, а модните критичари чекаат да приреди нов спектакл на црвениот тепих. Нејзиното име е асоцијација за врвен стил, но и потсетување на исклучително тешката борба која ја водела пред 19 години.
Петра Немцова, која е една од бројните познати дами на Канскиот фестивал, е родена пред 44 години во Чешка. Таа била мисица на оваа земја, а првите чекори во манекенството ги направила во светската престолнина на модата - Милано.
Ѝ се случила љубов со фотографот Сајмон Атли, со кој и соработувала. Нивното патување во Тајланд, каде се упатиле на 26-ти декември 2004 година, се претворило во хорор.
Нивната приказна започнала како во бајка - Сајмон ја запросил и започнале да ја планираат венчавката. Но, во еден момент сè се променило. Тајланд го зафатил разорно цунами кое било предизвикано од земјотрес во Индискиот океан и во кое настрадале 230.000 луѓе.
Ударот од цунамито ја исфрлил неа и нејзиниот вереник од бунгаловот во кој престојувале. Таа се здобила со повреда на карлицата и внатрешните органи, но собрала сили да се качи на палма, каде 8 часа чекала некој да ја спаси.
„Се вративме во хотелската соба во бунгалов по долгата прошетка на плажа. Сè беше прекрасно, забележавме дека водата многу се повлекла од плажата и тоа нè зачуди“, раскажала Петра во една прилика.
Налетите на вода ги скршиле сите прозорци во собата и ја разделиле неа и Сајмон. Последно што слушнала од него е како ја довикува.
„Во еден момент прифатив дека ќе умрам, се препуштив и почувствував необичен спокој“, додала таа и истакнала дека нагонот за преживување победил. Кога нивото на водата се спуштило, успеала да се качи на дрво.
„Најлошо ми беше што ги гледав беспомошните деца, ги слушав како врескаат, а не можев ништо да направам“, напоменала Немцова, која ја спасиле мештаните. Лекарите процениле дека поради тешките повреди нема да може да оди, но таа ги победила таквите прогнози.
Верувала дека нејзиниот вереник преживеал и не сакала да замине од Тајланд додека не дознае нешто за него. Тој бил пронајден мртов 3 месеци подоцна.
Немцова вели дека ја изгубила личноста која најмногу ја сакала и има чувство како да живее за двајцата. Таа ја отпочна организацијата „Happy Hearts Fund“ која им помага на места зафатени од природни непогоди.
Петра во 2019 година се омажи за Бенџамин Ларече со кој има син.