(Видео) Ива Матиќ, жената пилот на која ни небото не ѝ е граница: „Со позитивна мисла тргнувам на лет“

Кармин

24/10/2022

21:00

6.104

Големина на фонт

а а а

Ива Матиќ е првата жена пилот во Армијата која седна во воен хеликоптер и авион, а денес управува патнички авион во авиокомпанијата Виз Ер. На само 34 години, со помош на нејзината професија, посетила околу 60-тина земји во светот. Кога ќе каже дека по професија е пилотка луѓето на прва не ѝ веруваат. „Ми треба некое време да ги убедам“, вели таа, оти ретко која жена се занимава со оваа работа.

Првиот лет со авион на Виз Ер ѝ бил во текот на тренингот, од Темишвар, Романија до Лондон и назад во еден ден. Најдолгиот ден ѝ бил 14 часа, на четири релации во еден ден.

„Има разлика да се биде пилот на воен авион и патнички. Јас во Армијата летав воен хеликоптер којшто собираше одзади 24 луѓе максимум, а сега летам патнички авион кој може да има од 180 до 230 луѓе. Целата механика, структурата на авионот, начинот на летање е тотално различен“, рече Ива за „Репортер“.

Кога на нејзините блиски им кажала дека сака да стане пилот, наишла на негодувње.

„Ми велеа да размислам добро, но кога видоа дека навистина сакам ова да е моја професија, дека страста и мотивацијата ми се големи, денес ме поддржуваат и се горди на мене“, вели Ива.

Во нејзината фамилија никој не е пилот, но татко ѝ работи во Армијата, а и дедо ѝ бил дел од неа.

„Можеби од таму прво ми е љубовта за да бидам дел од Армијата, а потоа пилотството. Некаде во средно почнав да се преиспитувам себеси што сакам да станам кога ќе пораснам“, раскажа Матиќ за „Репортер“.

Таа е една од трите жени кои се пилоти за Виз Ер овде кај нас, додека во целата компанија има околу 80 жени пилотки. Кога управува со авионот, вели одговорноста секогаш ѝ е еднаква, без разлика дали има само еден човек во авионот или е само таа.

„Прво имам одговорност кон себе, кон пилотот што лета со мене, воздухопловот и патниците. Секогаш со позитивна мисла тргнувам на лет, бидејќи го сакам летањето и задоволство ми е секогаш кога одам на работа“, раскажа Ива.

Не било лесно да се стекне и лиценцата. Низ целиот тој процес има многу тестови. На крајот е испитот кој се полага во воздух со инструктор, кој потпишува дека си способен да леташ. Во текот на еден месец пилотите максимум може да се 100 часа во воздух. Во еден ден па пилотот може да лета максимум до 14 часа. Пилотите секоја година имаат и редовни медицински прегледи.

Низ разговорот дознаваме што значи реченицата „добар лет и мирно небо“, како птиците може да направат проблем при полетување и слетување на авионот, како е кога се разминуваат два авиона во воздушниот простор, каде има најубави изгрејсонца и зајдисонца и приватно каква е пилотката Ива Матиќ...


Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk