„Луѓе, копајте ровови“! Голем инсајдерски извештај: Америка со месеци наназад до детаљ ги знаела плановите на Путин, реакцијата на Зеленски ги шокирала

Точка

17/08/2022

21:45

9.569

Големина на фонт

а а а

Службеници во администрацијата на Бајден со месеци знаеле дека Владимир Путин собира десетици илјади војници и праќа тенкови на украинската граница, пишува „Washington Post“.

Весникот ја навел хронологијата на настаните кои пред руската инвазија на Украина се одвивале зад затворени врати. Како што разузнавачките податоци се собирале, Џејк Саливен, советник за национална безбедност на Бајден, станал уверен дека Русија ќе започне војна во Украина и свикал итен состанок во Овалната соба.

На Џо Бајден тогаш му било кажано дека разузнавачките податоци за оперативните планови на Путин покажуваат дека се е подготвено за масовен напад на Украина, а „WP“ наведува дека американската разузнавачка заедница имала свои извори во руското политичко водство, шпионскиот апарат и војската.

На Бајден, како што наведува весникот, тогаш му било кажано плановите на Путин предвидуваат заземање на поголем дел од украинската територија.

Овој извештај, со досега необјавени детали, фрла ново светло на борбата на САД за враќање на веродостојноста, обид за балансирање на тајноста околу разузнавачките податоци со потребата сојузниците да се уверат во нивната вистинитост и предизвикот на одредување како најмоќниот светски воен сојуз ќе помогне во Украина, без НАТО да испука ниеден куршум, оценува „Washington Post“.

Исто така, весникот наведува дека текстот е напишан по разговор со повеќе од 30 високи службеници на САД, Украина, Европа и НАТО.

На првиот состанок во Овалната соба, на кој присуствувале и шефовите на ЦИА, ФБИ, првиот човек на Пентагон, како и бројни други највисоки службеници од разузнавачката и одбранбената заедница, на Бајден до детаљ му биле предочени сите планови на рускиот претседател во Украина. Америка така, оценува „WP“, добила извонредни детали за тајните планови на Кремљ, додека Русија и натаму демантирала се.


„Напад на Киев од сите страни, отстранување на Зеленски“

„Проценуваме дека планираат да извршат значаен стратешки напад на Украина од повеќе насоки истовремено“, рекол на состанокот генералот Марк Мили. Нападот требало да биде брз и да ги фати украинските сили неподготвени.

Според разузнавачките податоци, Русите би дошле од северот, од двете страни на Киев. Дел од војската би се движела преку украинскиот град Чернигов, додека другото крило на Киев ќе се нападнело од запад, напредувајќи кон југот од Белорусија, преку природен коридор меѓу зоната на исклучување околу нуклеарната електрана Чернобил и околното мочуришно земјиште.

Одвоено, руските сили ќе дојдат од исток и ќе минат низ централна Украина до реката Дњепар, додека трупите од Крим ќе го преземат југоисточниот брег. Тие акции би можеле да потраат неколку недели, предвидувале руските планови.


Откако би застанале да се прегрупираат и повторно да се вооружат, руските сили би тргнале кон Запад, кон линијата север-југ која се протега од Молдавија до западна Белорусија, оставајќи ја скратена украинската држава на запад – подрачје кое според мислењето на Путин е населено со непоправливи неонацистички русофоби.

Откако бил соочен со нови разузнавачки податоци во октомври 2021-ва, Бајден наводно имал две реакции. Прво требало да се обиде да го одврати Путин, а сметал дека би требало да прати некој во Москва да седи со Русите на највисоко ниво и да им каже: „Ако го направите тоа, ова ќе бидат последиците“.

Второ, требало да ги извести сојузниците за американските разузнавачки податоци и да ги вклучи во единствен и одлучен став дека на Русија треба да ѝ се заканат со остри санкции, да се засили и да се прошири одбраната на НАТО и да ѝ се помогне на Украина. Така Америка ги пратила своите највисоки службеници во Москва и во седиштето на НАТО во Брисел.

Четири правила

„Washington Post“ потоа наведува дека биле воспоставени четири важни правила:

1. Не смее да се случи вооружен судир меѓу американската војска и НАТО со Русија.

2. Војната мора да остане внатре во географските граници на Украина.

3. Треба да се засили и одржи единството на НАТО.

4. Треба да се засили Украина и да се дадат средства за борба.


Администрацијата на Бајден исто така имала уште една грижа – Володимир Зеленски, украинскиот претседател, бидејќи се плашела дека тој не му е дораснат на Путин, а и сета таа математика била на страната на Русија. Затоа Бајден го пратил државниот секретар Ентони Блинкен да разговара со украинскиот претседател, во Глазгов, на маргините на меѓународниот самит за климатски промени. На Зеленски тогаш му било кажано кои податоци ги има Америка и дека се подготвува напад.

И Блинкен признал, подоцна, дека дошло до тој состанок. „Бевме само ние двајца, два метри еден од друг“, рекол тој во едно интервју.

Сепак, Зеленски тогаш бил скептичен, а најпрво сметал дека податоците дека Русија може да ја нападне Украина се само шпекулации.

Помалку од две седмици по состанокот во Глазгов, украинскиот шеф на дипломатијата и шефот на кабинетот на Зеленски, го посетиле Стејт Департментот каде висок американски службеник јасно им кажал: „Луѓе, копајте ровови“.




Спонзорирани линкови

Маркетинг