Заев во МАНУ: Договорот со Грција овозможува Европа да ја донесеме во нашата земја

Макфакс

11/09/2018

15:24

1.749

Големина на фонт

а а а

Премиерот, Зоран Заев, на покана на Македонската академија на науките и уметностите, со свое обраќање учествуваше на конференцијата „Спогодбата од Преспа: Меѓународно значење и импликации врз евро-атлантските интеграции на Република Македонија“.

Притоа, Заев истакна дека договорот од Преспа е добар, достоинствен договор што го потврдува идентитетот и ја гарантира нашата иднина. 

„Нашите аргументи се кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет. Грција го признава нашиот идентитет. Јазикот ќе се користи слободно секаде, во ОН, НАТО, ЕУ, во сите официјални институции, активности и настани. Македонскиот јазик и кирилското писмо ќе бидат официјални во заедница од околу 500 милиони луѓе. Подобра заштита на македонскиот јазик и кирилското писмо не може да се замисли од оваа меѓународна верификација. Еднаш засекогаш!“, порача Заев пред аудиториумот во МАНУ. 


Премиерот додаде дека прифаќањето на договорот е од суштинска важност за економијата и овозможува Европа да ја донесеме на нашите простори. 

„Избравме да чекориме храбро и одлучно кон иднината. Знаеме кои сме и што сакаме“, рече Заев. 

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, во својот говор во МАНУ се задржа на континуитетот на евро-атлантските процеси со посебна нагласка на активностите што ги презеде актуелниот владин состав. 

„За да ја извлечеме земјата од закана на изолација, Владата на РМ направи мастер-план кој ги вклучуваше договорот за пријателство и добрососедство со Република Бугарија, договор за надминување на спорот за името со Република Грција, завршница на Охридскиот рамковен договор со донесување на Закон за употреба на јазиците и итните реформски мерки содржани во Планот 3-6-9. Реализацијата на овие точки од мастер планот ни ги донесоа датумот за преговори со ЕУ и поканата за НАТО“, нагласи Османи. 


Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, потенцираше дека акронимот ФИРОМ бил сигнал за незавршена државност, и со прифаќање на договорот од Преспа, граѓаните на Република Македонија ќе го исполнат заветот од исходот на референдумот од 1991 и ќе ја заокружат државноста со референдумот на 30 септември. 


„Кога судиме за овој договор мора да го имаме предвид контекстот. Додека седевме во чекалната ги испуштавме возовите кога постоеше силен ентузијазам за ЕУ проширување. После долго време ЕУ погледна кон Балканот. И тоа внимание мора да се зграпчи и еднаш засекогаш Македонија да се извлече од процепите на несигурност кои сè уште виреат во нашиот регион. Наместо да наоѓаме замерки за тоа дали кваката е доволно блескава, верувам дека ќе надвладее традиционалната мудрост на нашите граѓани“, истакна министерот за надворешни работи на конференцијата „Спогодбата од Преспа: Меѓународно значење и импликации врз евро-атлантските интеграции на Република Македонија“, во организација на академијата и на Центарот за стратегиски истражувања кој работи во составот на МАНУ.



Спонзорирани линкови

Маркетинг