Од хемиска лабораторија до политичката сцена: Кој е Радомир Саичиќ, кандидатот на Студентската листа за претседател на Србија?

Точка

27/11/2026

17:36

556

Големина на фонт

а а а

Академикот Радомир Саичиќ е кандидат на студентската листа на претседателските избори закажани за 27 декември.

Тој е редовен професор на Хемискиот факултет при Универзитетот во Белград и редовен член на Српската академија на науките и уметностите (САНУ).


Јавно застана зад студентските протести, кои со текот на времето прераснаа во движење чиј фокус е борбата против корупцијата и системските промени. Протестите започнаа по смртта на 16 лица при уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад, на 1 ноември 2024 година.

Студентското движење, по предвремените парламентарни избори на 25 октомври, стана водечка политичка сила во Србија, со што беше ставен крај на 14-годишното владеење на Српската напредна странка на Александар Вучиќ.

Победата во изборната ноќ прв ѝ ја соопшти на јавноста Радомир Саичиќ.


„Оваа победа не е ничиј личен трофеј, таа им припаѓа на сите нас. Но, драга Србијо, големата победа со себе носи и голема одговорност“, порача Саичиќ на 25 октомври.

Тогаш изјави и дека „ниту една сила не може засекогаш да го надвладее народот кој одлучил да ја преземе судбината во свои раце“.

Политички ангажман

Саичиќ беше еден од основачите на групата граѓани која ја кандидираше Студентската листа на парламентарните избори.

Како кандидат на Студентското движење, беше избран за пратеник во Собранието на Србија. По конституирањето на новиот парламентарен состав, беше именуван за член на Одборот за образование.


Во јуни 2025 година, беше потписник на петицијата со која дел од членовите на САНУ побараа оставка од тогашниот претседател на Србија, Александар Вучиќ. Оставката на Вучиќ ја бараа поради „уривањето на демократските, институционалните и општествените темели“ на Србија.

Саичиќ тогаш, во интервју за неделникот „NIN“, порача дека академиците не треба да стојат настрана кога општеството се наоѓа во сериозна криза. Во пресрет на изборите изјави дека листата што ја претставува се залага за „продуктивни односи со Русија“ и дека Косово е „неотуѓив дел од Србија“.

Во деновите по изборите, Саичиќ изјави дека Студентската листа не сака пресметки надвор од институциите, туку се залага за нов систем на вредности во кој правдата ќе биде еднаква за сите и законите ќе важат за сите.


Најави „ослободување“ на правосудниот систем и медиумите, како и поефикасна истрага и кривично гонење на одговорните за уривањето на настрешницата во Нови Сад.

Потоа, објавување на досега тајните договори за клучните инфраструктурни проекти што ги склучила државата, како и одземање на незаконски стекнатиот имот.

Образование и академска работа

Студирал хемија на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот во Белград.

За најдобриот магистерски труд ја добил Октомвриската награда на градот Белград за студенти во 1987 година.


Докторирал на Хемискиот факултет во Белград. Научното усовршување го продолжил во Франција, на Институтот за хемија на природни производи при Националниот центар за научни истражувања во Жиф-сир-Ивет.

Неговите научни области се органска хемија, органска синтеза и медицинска хемија.

Саичиќ е редовен професор на Хемискиот факултет во Белград од 2012 година. За дописен член на САНУ е избран во 2012 година, а за редовен член во 2018 година.


Добитник е на Наградата на градот Белград за најдобро научно достигнување во 2006 година и на Медалот на Српското хемиско друштво за посветеност и успех во науката во 1995 година.

Инаку, Саичиќ претходно изјавил дека завршил школа за резервни офицери и дека бил мобилизиран за време на бомбардирањето на Србија од страна на НАТО во 1999 година.

Роден е во 1961 година во Белград.