Албанската ривиера на „црната“ листа на туристички дестинации за 2027 година: Американски туристички водич со важно предупредување

Точка

25/11/2026

21:14

829

Големина на фонт

а а а

Американскиот туристички водич „Fodor's“ ја објави својата годишна „No List“, на која се најдоа осум дестинации што патниците би требало да ги избегнуваат во 2027 година поради тоа што попуштаат под притисокот на прекумерниот број туристи.

Од „Fodor's“ секоја година истакнуваат дека листата не е повик за бојкот, туку поттик патниците добро да размислат како, кога и зошто патуваат на овие места.

На овогодинешната листа се наоѓаат места каде што гужвите, изградбата и краткорочното изнајмување ги уништуваат природата и животната средина и го потиснуваат локалното население. Меѓу нив е и албанската ривиера, една од омилените летни дестинации на туристите од регионот.

Албанска ривиера

Албанија во 2025 година ја посетиле 12,47 милиони туристи, а во првите осум месеци од оваа година бројот се зголемил за 5,3 отсто. Тоа се највисоките бројки откако земјата во 1991 година излезе од диктатурата.

Места како Ксамил и Дерми се полнат со хотели и апартмани, а немаат доволно развиен систем за собирање отпад и прочистување на отпадните води.

„Сега имаме премногу згради и премногу апартмани што се користат главно во текот на летото, а во зима се празни“, вели Таулант Бино, претседател на Албанското орнитолошко друштво.


Во близина на Валона е отворен нов меѓународен аеродром. Луксузен комплекс вреден 1,6 милијарди долари, зад кој стојат Џаред Кушнер и Иванка Трамп, се гради во рамките на заштитеното подрачје Вјоса-Нарта, кое е живеалиште на две третини од видовите птици во Албанија.

Сепак, Бино советува туристите да не ја отпишуваат целата земја, туку да избираат рафтинг на реката Вјоса или планинарење по планинскиот масив Проклетие.

Брегот на Амалфи

Најпопуларниот град на брегот, Позитано, во 2023 година го посетиле 132.551 турист, а во него живеат само 3.729 жители. Целиот брег е поврзан со еден тесен пат на кој во туристичката сезона секојдневно има гужви, а дефект или сообраќајна несреќа може да го запре сообраќајот со часови.


Автобусите се толку преполни што возачите ги прескокнуваат постојките. Локалните жители не можат да си ги дозволат кириите бидејќи сопствениците заработуваат повеќе од краткорочното изнајмување. И покрај тоа, отворен е нов аеродром кој носи уште повеќе туристи.

Бали

Бали се најде на листата и пред две години, а оттогаш притисокот само се зголемил. Во 2025 година островот го посетиле рекордни 6.948.754 странски туристи, повеќе од бројот на неговите жители, кој изнесува 4,4 милиони.


Поради недостигот од простор, отпадот се согорува секое утро, па на југот од островот, од јуни до септември, загадувањето на воздухот секојдневно ги надминувало препорачаните вредности на Светската здравствена организација.

Бали годишно губи приближно 1.000 хектари обработливо земјиште, главно поради изградбата на туристички објекти, а туризмот троши 65 отсто од водата на островот.

Корзика

На францускиот остров 36,7 отсто од недвижностите се викендички или се користат повремено, а бројот на жителите, кој изнесува 365.600, во текот на летото приближно се удвојува.

Продавниците не успеваат да ги надополнат залихите, па жителите буквално се натпреваруваат со туристите за основните прехранбени производи.


Корзика има највисока стапка на сиромаштија во континентална Франција, која изнесува 20 отсто, а 72 отсто од туристите доаѓаат од мај до септември.

Сепаратистите во октомври 2023 година нападнале 34 објекти, главно празни викендички, а во август им порачале на туристите да останат дома.

Единбург

На „Royal Mile“, главната улица во стариот дел на градот, „BBC“ минатата година изброил 72 продавници за сувенири. Во тој дел од градот живеат близу 9.000 луѓе, а нема ниту една пошта, аптека или матичен лекар.

Градот има околу 530.000 жители, а само фестивалот „Fringe“ во 2024 година забележал 3,01 милион посети.


Единбург оваа година е трет најскап од 50 европски градови за викенд-патување, зад Осло и Копенхаген, а градскиот совет прогласил станбена криза.

Од јули се плаќа туристичка такса од пет отсто за ноќевање. „Fodor's“ предупредува дека таа не го намалува бројот на посетители, а туристите што доаѓаат само на еден ден воопшто не ја плаќаат.

Кјото

Градот во 2025 година забележал 62,79 милиони туристички посети, што е првпат бројот да надмине 60 милиони откако се води евиденција.

Во квартот Гион е забрането неовластено фотографирање.


Од 2024 година е забранет и влезот во некои приватни улички, откако туристите ги допирале кимоната на гејшите. Дури 63,8 отсто од жителите велат дека им пречат гужвите во автобусите и метрото.

За 2027 година се планирани различни цени на автобуските билети и поскапи влезници за замокот Ниџо.

Нгоронгоро

Заштитеното подрачје во Танзанија во 2024/2025 година го посетиле повеќе од 1,06 милиони туристи. Околу 100.000 Масаи што живеат таму се соочуваат со сè поголем притисок да ја напуштат земјата на своите предци.

Владата тврди дека преселувањето е доброволно, додека организацијата „Human Rights Watch“ наведува ограничувања на пасењето, намалување на здравствената заштита и образованието, како и напади од страна на ренџерите.


Истовремено, министерот за туризам повикал на проширување на сместувачките капацитети од 1.555 на повеќе од 2.590 кревети.

„Би ги повикал патниците да престанат да доаѓаат. Дури и со добри намери, ризикуваат да помогнат во финансирањето на нашето раселување“, вели масајскиот адвокат за човекови права Џозеф Олешангај.

Седона

Малиот град во Аризона, со помалку од 10.000 жители, годишно прима околу три милиони посетители. Законот на сојузната држава од 2016 година им забранува на градовите да го ограничуваат краткорочното изнајмување.


Поради тоа, денес околу 20 отсто од станбениот фонд е регистриран за таков вид изнајмување, а просечната цена на куќа изнесува 891.000 долари.

Затоа „Fodor's“ ги советува туристите да изберат некоја од 1.800 хотелски соби во градот.