Туристички водич за декември 2026 година: Најубавите европски дестинации за незаборавно зимско патување

Точка

25/11/2026

19:57

988

Големина на фонт

а а а

Од потрагата по поларната светлина во шведската Лапонија до истражувањето на најдобрите европски божиќни базари или празничното патување со воз – еве што треба да се види и каде да се отиде овој декември.

Декември е еден од најдинамичните месеци во календарот на туристите, но постојат многу причини за бегство надвор од вообичаените празнични посети на големите градови.

Од „бркање“ на зимското сонце на Мадеира до набљудување на поларната светлина во Скандинавија, последниот месец во годината нуди сè – од авантури на отворено до празнични културни настани.


Европските градови исто така влегуваат во божиќниот дух, со базари, фестивали на светлоста и сезонски атракции во полн ек.

Еве каде да одите, што да видите и што да резервирате во Европа во декември 2026 година, по препорака на „Јуроњуз“.

Дестинации

Лапонија, Шведска

Декември е особено погодно време за посета на шведска Лапонија, каде што шумите прекриени со снег, замрзнатите езера и долгите поларни ноќи создаваат совршена сценографија за класично зимско бегство. Јукасјерви, во близина на Кируна, е дом на познатиот Леден хотел (Icehotel), кој своите сезонски ледени соби ги отвора на 11 декември.


Основан во 1989 година, овој хотел секоја зима одново се гради од блокови чист лед изваден од блиската река Торне.

Околниот регион е исто така одлична база за возење со санки што ги влечат хаски и со моторни санки, како и за буквална прошетка низ зимската земја на чудата.


Овде се и најголемите шанси во декември да ја здогледате поларната светлина, бидејќи овој период од годината носи некои од најдолгите и најтемните ноќи поради поларната ноќ.

Мадеира, Португалија

Мадеира е одличен избор за секој кој сака да го замени сивото небо со поблаго време, а притоа да не патува предалеку од континенталниот дел на Европа.

Овој португалски остров има богата празнична програма во текот на целиот декември, со улици и крајбрежје на Фуншал осветлени за Божиќ и календар со сезонски настани кои траат сè до Нова година.

Најголемиот спектакл на островот се случува на 31 декември, кога огномет го осветлува заливот Фуншал. Тоа е еден од најпознатите новогодишни огномети во цела Европа – и тоа со многу добра причина.


Настани и атракции

Амстердамски фестивал на светлината-амстердамските канали стануваат галерија на отворено за време на годишниот Фестивал на светлината (Amsterdam Light Festival), со осветлени уметнички дела поставени низ целиот град.

Од отворањето на 26 ноември, најдобриот начин да ги видите инсталациите е прошетка покрај водните канали или посебна тура со брод, која нуди поинаква перспектива на уметничките дела.

Фестивалот трае до 17 јануари 2027 година, така што има време за посета и по божиќниот метеж.


Фет де л’Ескалад, Женева, Швајцарија

Од 11 до 13 декември, Женева ја одбележува една од најважните епизоди во својата историја со три дена костимирани поворки, музика и традиционална храна. Фестивалот Фет де л’Ескалад (Fête de l’Escalade) ја слави одбраната на градот од обидот за напад на трупите на војводата од Савоја во 1602 година.

Стариот град станува центар на прославата, со историски прикази, поворки со фенери и голема парада во недела. Обрнете внимание на традиционалните чоколадни котлиња, кои се кршат и се делат како дел од свеченоста.

Градините Тиволи, Копенхаген

Божиќ пристигнува рано во Градините Тиволи (Tivoli Gardens) во Копенхаген – барем на некој начин. Од 13 ноември до 3 јануари 2027 година, забавниот парк на данската престолнина добива празнично руво за Божиќ, со осветлени дрвја, украси, тезги со сезонска храна и мноштво возења.


Декември е очигледно најдоброто време да се упатите на еден од безбројните европски божиќни базари за да јадете, пиете и купувате подароци. Ова се некои од најдобрите што треба да ги посетите оваа празнична сезона.

Стразбур, Франција

Нарекувајќи се себеси „престолнина на божиќните базари“, Стразбур го организира својот базар уште од 1570 година. Од 27 ноември до 24 декември, историскиот центар на градот е исполнет со дрвени куќички во кои се продаваат украси, подароци и алзашка храна, додека огромната божиќна елка на плоштадот Плас Клебер е атракција што никако не смеете да ја пропуштите.

Дрезден, Германија

Дрезденскиот Штрицелмаркт (Striezelmarkt) датира од 1434 година и е еден од најстарите божиќни базари во Германија. Неговото 592. издание трае од 25 ноември до 24 декември и е особено познато по традиционалните ракотворби, дрвените украси и штоленот, богатиот овошен леб кој е празничен специјалитет на овој регион.


Прага, Чешка

Повеќето божиќни базари се затвораат во декември, но оној во Прага трае од 28 ноември до 6 јануари 2027 година, што значи дека таму можете да отидете да се опуштите откако божиќниот метеж ќе стивне. Староградскиот плоштад во чешката престолнина нуди спектакуларно опкружување за божиќниот базар, каде што готската и барокната архитектура претставуваат сценографија за тезгите и огромната елка. Вацлавскиот плоштад исто така има свој базар кој секако вреди да се посети.


Талин, Естонија

Познат како град кој станува сè попопуларен за посета, Талин е навистина посебен за Божиќ. Од 20 ноември до 6 јануари 2027 година, базарот на естонската престолнина се одржува на средновековниот Градски плоштад, каде што дрвените тезги се сместени под кулите и зградите во пастелни бои во Стариот град. Големата божиќна елка стои во самиот центар, опкружена со тезги на кои се продаваат естонски ракотворби, празнични украси и локална храна. Очекувајте топли зимски јадења, медењаци и изобилство од глоги – локалната верзија на варено вино.

Празнични патувања со воз

Возот Експрес на Дедо Мраз, Финска

За празнично патување со вистинско чувство на свеченост, возот Експрес на Дедо Мраз (The Santa Claus Express) ги превезува патниците од Хелсинки или Турку на север во финска Лапонија, патувајќи преку ноќ низ шуми, покрај замрзнати езера и предели прекриени со снег сè до Арктичкиот круг.


Постои дури и шанса попатно да ја здогледате поларната светлина.

Разбудете се во Рованиеми, официјално познат како родниот град на Дедо Мраз, сместен на самиот Арктички круг. Очигледната прва станица е Селото на Дедо Мраз (Santa Claus Village), каде што посетителите можат да го запознаат Дедо Мраз и да ја посетат Главната пошта на Дедо Мраз (Santa Claus Main Post Office) за да испратат писма и разгледници со посебен поштенски жиг од Арктичкиот круг.

Овој ноќен воз на кат нуди вагони со седишта и кабини за спиење, вклучувајќи и делукс опции со сопствени бањи и тушеви. Тука е и вагон-ресторанот во кој се служат појадок, главни оброци и ужинки.

Запчест воз до куќата на Дедо Мраз, Швајцарија

Ова празнично патување започнува во Монтре, од каде што запчестата железница се искачува 55 минути до врвот Роше-де-Не, на повеќе од 2.000 метри надморска височина.

Патувањето нуди величествен поглед на Женевското Езеро и Швајцарските Алпи, пред пристигнувањето до Куќата на Дедо Мраз (Santa’s House) на самиот врв. Децата можат да го запознаат Дедо Мраз и да се фотографираат со него.

Посебни поаѓања се организираат на избрани датуми од 20 ноември до 24 декември, со комбинирани билети кои покриваат повратно патување и влез во Куќата на Дедо Мраз.

Ла долче вита Ориент експрес – „Џингл рута“

За луксузна варијанта, возот Ла долче вита Ориент експрес (La Dolce Vita Orient Express) организира тридневно патување со две ноќевања од Рим до Венеција и Фиренца, со поаѓање на 19 декември.


Патувањето наречено „Џингл рута“ вклучува приватен превоз со брод низ венецијанските канали до хотелот Ориент експрес Венеција (Orient Express Venezia) на вечера и музика во живо, по што следниот ден следува попладневно истражување на Фиренца.

Патниците се враќаат во возот на вечера и забавна програма пред следното утро да пристигнат назад во Рим. Цените почнуваат од 6.560 евра по лице.

Дочек на Нова година

Ако планирате да ја дочекате 2027 година на отворено, неколку големи градови нудат прослави од големи размери, со огномети, улични забави и јавни настани кои привлекуваат посетители од целиот свет.

Лондонскиот огномет над реката Темза спаѓа меѓу најпознатите, со спектакл сосредоточен околу Лондонското око и Биг Бен – и секој би требало да го види барем еднаш во животот.

Париз традиционално слави околу Елисејските полиња и Триумфалната порта, со одбројување и светлосно шоу кои привлекуваат огромна толпа луѓе во центарот на градот.


Во Мадрид веселите учесници во прославата се собираат на плоштадот Пуерта дел Сол за на полноќ да ги изедат традиционалните 12 зрна грозје, по едно за секое отчукување на часовникот. Ова единствено искуство е надополнето со извици на воодушевување, правење врева со разни реквизити и мноштво здравици со – што друго? – шпанската кава (познатото шпанско пенливо вино).

Единбуршкиот Хогманеј е веројатно најлегендарниот новогодишен настан во Европа. Неговата програма со улични прослави и музика кулминира со огномет над замокот и, секако, хорско пеење на песната „Добри стари времиња“ од Роберт Бернс.

Планирање на патувања за 2027 година

Ако веќе размислувате каде да патувате следната година, декември е вистинско време да почнете да гледате подалеку од вообичаените туристички жаришта. За среќа, бројни извештаи од туристичката индустрија ги истакнаа дестинациите за кои се очекува да привлечат повеќе посетители во 2027 година, а тимот на порталот „Јуроњуз травел“ дури даде и сопствени прогнози.

Помалите европски градови, помалку познатите острови и земјите кои нудат алтернативи на проверените фаворити се подготвени да заблескаат во 2027 година.


Италија останува исклучително популарна, но ако сакате да ја доживеете поавтентичната страна на земјата, одлучете се за Перуџа, со нејзините средновековни улици, гастрономска сцена и годишни фестивали на џезот и чоколадото, или за Пескара на јадранскиот брег.

Ремс во Франција, Братислава во Словачка, Шибеник во Хрватска, Леон во Шпанија и шведските крајбрежни градови-близнаци Сканер-Фалстербо исто така ќе бидат популарни, релативно неоткриени дестинации за претстојната година, додека Албанија веројатно ќе доживее уште поголем раст на популарноста.