МСУ – Скопје ја отвора меѓународната изложба „Сè што ни е заедничко: Животните не се таму некаде“

Макфакс

25/11/2026

08:10

101

Големина на фонт

а а а

На 28 ноември 2026 година (сабота), во 13 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде отворена меѓународната изложба „Сè што ни е заедничко: Животните не се таму некаде“, во кураторство на Мира Гаќина и Јованка Попова.

Изложбата го насочува вниманието кон животните со кои ги споделуваме нашите средини, истории и иднини, но чии животи најчесто остануваат на маргините на човечкото внимание, грижа и одговорност. Преку дела на меѓународни и македонски уметници, таа отвора прашања за односите на моќ меѓу луѓето и другите видови, за насилството и експлоатацијата, но и за можностите за солидарност, меѓузависност и поинакви форми на заедничко живеење.

Зошто изложба за животните, и зошто токму сега?

Во време на климатска криза, забрзано исчезнување на видовите и сè поизразена еколошка нерамнотежа, односот кон животните станува едно од суштинските прашања за тоа како го разбираме светот и нашето место во него. Иако грижата сè почесто се истакнува како заедничка општествена вредност, секојдневната реалност покажува дека таа останува селективна, нееднакво распределена и често отсутна.

Изложбата тргнува од потребата да се преиспита човекот како центар на светот и како единствен носител на вредност, знаење и право на постоење. Наместо животните да ги гледа како симболи, метафори, ресурси или објекти на човечка употреба, таа ги препознава како живи суштества со сопствени искуства, чувства, меморија, начини на комуникација и потреби.

„Со оваа изложба сакаме да го поместиме прашањето за животните од маргините на општественото внимание во средиштето на разговорот за тоа како живееме заедно. Животните не се некаде надвор од нашите животи, туку се дел од нашите секојдневни простори, односи и заедници. Начинот на кој се однесуваме кон нив открива многу за тоа како ја разбираме грижата, солидарноста и одговорноста. Затоа изложбата не е само за животните, туку и за нас самите, за границите на нашата емпатија и за можноста да замислиме поинакви односи на заедничко живеење“, истакнуваат Мира Гаќина и Јованка Попова, кураторки на изложбата.

Иако изложбата се занимава со глобални еколошки и политички прашања, нејзината појдовна точка е и непосредната реалност во Македонија.

Бројните бездомни кучиња и други животни на улиците на Скопје се дел од секојдневието на градот, но истовремено се изложени на занемарување, насилство, труење и убивање. Нивното присуство ги прави видливи противречностите во односот на општеството кон животните: од една страна, тие се дел од нашата заедничка урбана средина, а од друга, нивното постоење често се третира како проблем што треба да се отстрани.

Оттука, изложбата отвора прашања што ги надминуваат рамките на заштитата и благосостојбата на животните. Таа ја преиспитува институционалната одговорност, селективноста на сочувството и општествената толеранција кон насилството, но и начините на кои одлучуваме чии животи заслужуваат заштита, а чии остануваат незабележани.