Случајот со ќебапите остана симбол на селективната правда, но вистината е поинаква: Што се случи со велешанецот кој беше осуден за кражбата?

Точка

24/11/2026

18:21

940

Големина на фонт

а а а

Случајот со велешанецот Петре Караманов, кој во 2015 година стана познат по кражбата на 150 ќебапи од угостителски објект во Велес, и денес го привлекува вниманието на јавноста. Иако со години се споменува како пример за селективна правда, вистината е дека неговата приказна е малку поинаква – тој во 2017 година добил викенд-отсуство од затворот „Идризово“, но никогаш не се вратил да ја доиздржи казната.

Според информациите што ги објави „Слободен печат“, по Караманов се распишани централна и меѓународна потерница поради бегство од затворот.

Од Министерството за внатрешни работи за „Слободен печат“ потврдиле дека станува збор за лице осудено на шест години и 11 месеци затвор, согласно член 237 став 1 и член 236 став 1 од Кривичниот законик.

Од Управата на затворот „Идризово“ информирале дека Караманов избегал во 2017 година, а во моментот на бегството му преостанувале уште неколку години од затворската казна.


Кражбата на ќебапите одекна во јавноста во 2015 година

Приказната започнала во 2015 година. Тогаш 31-годишниот Караманов насилно влегол во кафеана во близина на автобуската станица во Велес и украл 150 ќебапи, 20 плескавици, неколку литри алкохол, пиво и сувомесни производи.

Вкупната вредност на украденото била проценета на околу 6.000 денари, а Основниот суд во Велес му изрекол тригодишна затворска казна за кривично дело „тешка кражба“.

Сепак, неговото затворско досие не се сведувало само на овој случај. Според објавените информации, Караманов издржувал казна во „Идризово“ за разбојништво и тешка кражба, за кои бил осуден на шест години и еден месец затвор, што значи бил осуден и за други кражби и разбојништва, а не само за ќебапите.

Од притвор до бегство од затворот

Караманов последен пат влегол во затвор на 2 декември 2014 година. На 4 април 2017 година му било одобрено домашно отсуство, но по неговото истекување тој не се вратил во затворот.


Според податоците од затворот во Шутка, тој претходно бил во притвор поради разбојништва во 2002 и 2014 година, додека во 2010 година поминал пет месеци во затвор поради кражба на моторно возило.

Интересно е што и кражбата на храната од велешката кафеана се случила во период кога Караманов веќе издржувал затворска казна за друго кривично дело. Според неофицијални информации од велешкиот суд, против него биле изрекувани мерки уште во периодот кога бил малолетник.

Така, случајот кој во јавноста остана запаметен како „човекот осуден за ќебапи“ всушност крие многу поширока криминална историја. А фразата „во затвор остана само тој со ќебапите“ добива поинаква димензија кога ќе се знае дека Караманов воопшто не останал зад решетки до крајот на казната – туку побегнал за време на одобрено отсуство.

Извор: Слободен печат