Huawei прогласен за виновен за кражба на деловни тајни од американски компании

Макфакс

25/11/2026

07:18

349

Големина на фонт

а а а

Кинеската компанија „Huawei“ вчера беше прогласена за виновна во значаен кривичен процес во САД, во кој овој гигант во областа на технологијата и телекомуникациската опрема беше обвинет за доведување на банките во заблуда во врска со своето работење во Иран, како и за краджа на деловни тајни од американски фирми.

Федерална порота во Бруклин го прогласи „Huawei“ за виновен по 10 од вкупно 12 точки од обвинението. Компанијата беше ослободена од обвинението за заговор за вршење кривични дела – односно од тврдењето дека функционирала како криминална организација. Кривичната постапка започна во 2018 година, а следната година американската влада го стави „Huawei“ на трговска „црна листа“, со што му го ограничи пристапот до американска технологија.

Експертите истакнуваат дека овој случај, всушност, не му наштетил на работењето на „Huawei“, бидејќи компанијата ги диверзифицирала своите деловни активности и станала клучен играч во развојот на вештачката интелигенција во Кина. Компанијата вработува повеќе од 200.000 луѓе и работи во приближно 170 земји.

Причина за дипломатска криза

Случајот стана јавно познат во декември 2018 година, кога Менг Ванжу – главен финансиски директор на „Huawei“ и ќерка на основачот на компанијата – беше уапсена во Канада врз основа на американски налог. Овој настан предизвика дипломатска криза во која беа вклучени САД, Кина и Канада. Против Менг беше поднесено обвинение (кое првично беше доверливо), во кое се тврди дека таа ги довела во заблуда банкарите во „HSBC“ во врска со деловните операции на „Huawei“ во Иран. Овие постапки ѝ овозможиле на компанијата да префрла долари во и надвор од Иран, со што биле прекршени американските санкции.

Таа речиси три години се спротивставуваше на нејзината екстрадиција во САД, за на крајот, пред да се врати во Кина, да постигне договор за одложување на кривичното гонење. Во Кина таа беше пречекана како хероина, а обвиненијата против неа подоцна беа повлечени.