Во едно англиско село, чиј распоред на патишта формира речиси правилен триаголник, се планира изградба на 200 нови куќи.
Меѓутоа, проектот предизвика противење кај жителите, кои сметаат дека би можел „трајно да ги промени изгледот и карактерот на нивната заедница“, која ја сметаат за посебна токму поради необичната форма и начинот на кој е организирана.
Жителите против проектот
Населбата позната како Триаголникот Фајленд, која се наоѓа во округот Сомерсет, го добила името по „триаголниот“ распоред на куќите. Според достапните информации, во моментов има околу 350 објекти, сместени меѓу патиштата Клевдон, Вестон и Флекс Бартон.
Повеќе од 250 жители побарале од локалните власти да го одбијат планот за изградба, кој компанијата „Hill Residential“ го поднела во декември 2025 година, пренесува „Daily Mail“.
Бидејќи не била донесена одлука, инвеститорот се обратил до државниот инспекторат за урбанистичко планирање. Се очекува конечната одлука да биде донесена по шестдневната јавна расправа, закажана за април следната година.
Советничката во локалниот совет на парохиите Враксол и Фајленд, Марија Пејн, смета дека планираната изградба „би ја нарушила основната карактеристика на населбата“.
„Триаголникот е она што ја дефинира населбата Фајленд. Целосно би ја нарушиле нејзината граница. Локалниот урбанистички план е многу јасен“, изјавила таа.
И други жители се противат на проектот, истакнувајќи дека токму необичниот распоред на населбата е она што ја издвојува од другите места.
Еден од нив го опишал селото како „единствено и посебно“, нагласувајќи дека планираната изградба „би ја уништила таа особеност“, каква што ретко може да се види на други места.

Меѓусебни обвинувања
Сандра (61), која пораснала во Фајленд, исто така не сака да се промени изгледот на местото. Таа се присетила на училишните денови, кога учениците трчале околу „триаголниот“ распоред на патиштата.
„Кога одев на училиште, организиравме трчање и броевме колкупати можеме да го обиколиме триаголникот. Така било отсекогаш“, раскажала таа, додавајќи дека во околината можат да се видат многу диви животни, како елени.
И други упатиле пораки.
„Целата атмосфера на ова место би била уништена кога среде селото би изградиле модерна станбена населба. Во секој случај, инфраструктурата не е доволно развиена за таков проект“, изјавил 23-годишниот Чарли Баркер.

Спорот дополнително се продлабочил со меѓусебните обвинувања на локалниот совет и инвеститорот, кои се обвинуваат едни со други за неодговарање на испратените пораки и за одолжување на постапката, пренесува „Unilad“.
Покрај тоа, инвеститорот тврди дека земјиштето припаѓа на таканаречениот сив појас и дека изградбата ќе обезбеди неопходни станбени единици и значителни придобивки.
„Нашиот проект предвидува изградба на околу 200 нови куќи на земјиште западно од Фајленд, вклучувајќи 45 отсто станбени единици наменети за домување по пристапни цени. Ова претставува важна можност да се обезбедат неопходните станбени единици, а истовремено и да му се овозможи на локалното население, вклучувајќи ги семејствата и купувачите што првпат купуваат недвижност, да остане во ова подрачје“, навеле од компанијата.
Локалниот совет, сепак, се противи, сметајќи дека локацијата, поради слабата поврзаност со неопходните содржини и инфраструктура, не е погодна за таков развој.













