Фондацијата Европска престолнина на културата – Скопје 2028 доби повеќе од 200 предлози и препораки од јавни расправи и електронски пораки за својата Културна програма, кои ќе бидат внимателно анализирани и вклучени во финалната верзија на програмата за 2028 година.
Повеќе од 200 предлози и препораки за Програмата за култура доби Фондацијата „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“ за време на четирите јавни расправи и дополнително по пат на електронска пошта до рокот предвиден за доставување. Од таму велат дека сите ќе бидат внимателно анализирани и оние кои се релевантни и додаваат вредност на Програмата ќе бидат инкорпорирани во неа.
Фондацијата „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“ на 18 и 19 ноември одржа четири јавни расправи за работната верзија на Културната програма за 2028 година. Целта беше програмата, пред да добие конечна форма, да се провери и дополни со знаењето и искуството на оние што го создаваат културниот живот во Скопје.
На расправите учествуваа претставници на националните и локалните културни институции и на единиците на локалната самоуправа, академската заедница, индивидуални уметници и културни работници, како и претставници на независната културна сцена и младите.
Оперативниот директор на Фондацијата, Звонко Наумоски, ја претстави работната верзија на Културната програма: нејзината визија и концепт, програмските приоритети и целите на предвидените проекти. Потоа учесниците ги изнесоа своите забелешки, предлози и очекувања за Скопје 2028.
„Работната верзија не е завршен документ. Затоа ја отворивме за јавна расправа: секоја забелешка и секој предлог ни помага програмата да биде поквалитетна и поблиску до потребите на граѓаните, уметниците и институциите“, изјави првиот човек на Фондацијата Скопје 2028, Марјан Цветковски.
На расправите беше отворено и прашањето за посебната законска рамка за реализација на проектот Скопје 2028. Таа предвидува примена на Законот за јавни набавки во оперативното работење на Фондацијата, додека Културната програма ќе се реализира преку јавни повици со јасно утврдени правила, а евалуацијата ja вршат европски евалуатори, врз основа на професионални критериуми. Со тоа, велат од Фондацијата, се обезбедуваат независност, транспарентност и усогласеност со европските стандарди и со практиките на досегашните европски престолнини на културата.
Јавните расправи се дел од поширокиот процес на подготовка на Скопје 2028 – Европска престолнина на културата, во кој културната заедница, институциите, академскиот сектор и младите учествуваат во создавањето на Програмата. Целта е финалната верзија да ги обедини културниот потенцијал, креативноста и различноста на Скопје и да отвори простор за нови идеи, соработка и современи културни содржини со европска перспектива.
Финалната верзија на програмата се очекува да биде подготвена до крајот на ноември 2026 година по што ќе биде објавена на интернет страницата skopje2028.mk.












