Храброст или лудост: Што би се случило кога би го примениле црногорскиот модел за раст на платите?

Точка

24/11/2026

12:41

385

Големина на фонт

а а а

Црна Гора е на чекор до радикално решение за зголемување на минималната плата. Од први јануари планира да се откаже од пензискиот придонес во државната каса. Идејата е повеќе пари да остануваат кај граѓаните, кои потоа би трошеле повеќе и повеќе пари би се собирале од даноци, а потоа државата би можела самостојно да исплаќа пензии. Ваквиот модел е многу редок во светот и е поврзан со многу богати економии.

Водени од новинарска љубопитност, порталот „Пари“ со анализата се обиде да разјасни како ваков модел би функционирал во нашите услови, колку пари се потребни за тоа и дали има извори од каде што може да се надоместат?

Едно е факт: во Македонија платите сè уште се пониски отколку во регионот, пензискиот систем е исправен пред многу предизвици и треба да се реагира. Всушност, помалку или повеќе, целиот Балкан се соочува со вакви проблеми и земјите заостануваат со животниот стандард зад земјите од Западна Европа, па се бараат нови начини за напредок.

НА ЦРНОГОРСКИОТ ПРЕМИЕР МУ СЕ СМАЧИ ДА ЧЕКА

Црна Гора се реши на радикален пресврт. Од први јануари 2027 година, во Црна Гора се најавува минимална плата за оние со основно или пониско образование од 1.000 евра, за оние со средно образование плата од 1.250 евра и за оние со високо образование плата од 1.400 евра. Во моментов има две минимални плати – 600 евра за основно и средно образование и 800 евра за високо образование. Така, новите минимални плати ќе бидат повисоки и од збирот на сегашните минимални плати и пензискиот придонес. Токму тоа ги крена на нозе црногорските бизнисмени коишто предупредуваат дека овој модел може да доведе до затворање фирми, бркање работници и можно зголемување на цените. Од друга страна, и поголема сума пари во прометот сама по себе може да предизвика инфлација, па во Црна Гора сега наголемо се расправа за можните инфлаторни притисоци и за тоа колку инфлацијата ќе изеде од идните плати и пензии.

Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ изјави дека владата нема време за чекање и дека мора итно да ги зголеми платите за да го спречи масовното иселување на населението пред влезот на Црна Гора во Европската Унија.


При претставувањето на економската програма „Евро модел“ (усвоена од Владата на 17 септември 2026 година), Спајиќ изјави дека пензиите и понатаму ќе се исплаќаат во различни износи според досегашниот начин на пресметка, но со гарантиран минимален праг и почесто усогласување.

– Државата гарантира исплата на пензиите. Овој модел на ниту еден начин не влијае на нивната пресметка. Пензиите ќе можат само да растат поради зголемувањето на бруто-заработките. Во матичната евиденција и понатаму ќе се внесува износот на бруто-платата, за личниот коефициент и идната пензија да се пресметуваат на ист начин како и досега – изјави Спајиќ.

СОСТОЈБА ВО МАКЕДОНИЈА: ЗА ПЕНЗИИ 2 МИЛИЈАРДИ ЕВРА

Во нашиот буџет за 2027 година е предвидено дека за пензии наредната година се потребни 123,8 милијарди денари или околу 2 милијарди евра. Истовремено, наведено е дека ќе се собере придонес за пензиско осигурување од 91,8 милијарди денари, или 1,5 милијарда евра. Дали е возможно државата да се откаже од овие пари?

Ако се тргне од септемвриската просечна бруто-плата од 73.940 денари, се доаѓа до просечен пензиски принос од 13.900 денари. Кога тие пари би се додале на минималната плата од 26.000 денари, би се дошло до 39.900 денари. Но, црногорскиот модел е поголема минимална плата од нивната сегашна минимална плата плус пензиски принос. Хипотетички, во Македонија тоа би значело дека сме се одлучиле за минимална плата меѓу 48.000 и 50.000 денари.

Дали може и со толку зголемените минимални плати, а со тоа и на сите останати плати, да се донесат толку зголемени даночни приходи за да се финансираат пензионерите?


Сите даночни приходи во Буџетот за 2027 година се планирани на 223,1 милијарда денари, или 3,6 милијарди евра, така што пензискиот принос од 1,5 милијарда евра е голем залак за надоместување. За да се „пронајдат“ тие пари, даночните приходи треба да пораснат за речиси 42 насто. Односно, уште 1,5 милијарди евра треба да се соберат од ДДВ, од данокот на личен доход, од акцизи. Од другата страна на равенката се платите што би биле зголемени од 53 насто (ако „скокнат“ само на 39.900 денари) до 92 насто (ако се зголеми на 50.000 денари). Оттука, може да се очекува сериозен раст на данокот на додадена вредност што го плаќаат сите граѓани при купување на сите производи, но и на акцизите што се плаќаат за луксузни стоки и за горивата.

Варијантата што ја прифаќаа нашите работодавачи е да се зголеми минималната плата, но придонесите (и пензискиот и здравствениот) за износот на зголемувањето да бидат покриени од државата. Ова не беше прифатено од страна на Владата.

Владата засега останува на ставот дека минималната плата ќе се зголеми во согласност со законската регулатива, а тоа е во март наредната година, кога мартовската плата ќе се зголеми според формулата што предвидува 50 насто да се усогласи со овогодишната инфлација, а 50 насто со растот на нето-платата. Според последните најави на министерот за економија Бесар Дурмиши, веројатно „минималецот“ во март ќе се зголеми за околу 7 до 8 насто.

Овој раст, како и сите други планирани зголемувања на платите, ќе значи подобрување, но не може нешто посебно да се очекува. Неодамна Светската банка ја предупреди Македонија дека е заглавена во стапицата на среден доход.


„Северна Македонија постигна забележителен економски напредок, преминувајќи од земја со понизок во земја со повисок среден доход за помалку од две децении. Сепак, во изминатите 17 години земјата е заглавена на тоа ниво“, пишува во Извештајот.

ШТО ПОКАЖУВА МОДЕЛОТ ВО НОВ ЗЕЛАНД?

Во светот постојат неколку земји каде што не се плаќа специфичен (одвоен) пензиски придонес од платата, туку државата исплаќа пензии директно од општите буџетски приходи (од ДДВ, данок на доход, данок на добивка и сл.).

Нов Зеланд е најпознатиот и најчист пример за ваков модел и веројатно Црна Гора ќе биде најблиску до тој модел. Државната пензија во Нов Зеланд се финансира исклучиво од општо оданочување, без задолжителни придонеси од платата на вработените или работодавачите. Правото на пензија зависи само од возраста (над 65 години) и статусот на резидент, а не од тоа колку пари некој уплатил во минатото.


Според податоците што ги пронајдовме, пензијата во Нов Зеланд се исплаќа на две недели и е фиксна, зависно од тоа дали некој живее сам, дали дели стан со некого, или живее со брачен другар. На секои две недели се исплаќаат по 1.110 новозеландски долари (552 евра) за самец. Слично е и за лицата што делат сместување (510 евра), а оние кои имаат брачни другари примаат по 425 евра секои две недели.

Системот е дизајниран како универзално право на граѓаните, а не како социјална помош за сиромашните и 8 до 19 насто од вкупниот државен буџет оди исклучиво за исплата на државни пензии.

Ова е многу интересен момент. Ако анализираме колкав дел од нашиот државен буџет се издвојува за исплата на пензии (независно дали е тоа од пензискиот придонес, или како дотација од државата) – тој процент е околу 28!