[ФОТО] Овде некогаш сè врвело од живот, а денес е „град на духови“: Шумата ги проголтала зградите, улиците се пусти – еве што се случило

Точка

23/11/2026

17:10

712

Големина на фонт

а а а

Акармара, некогаш просперитетна рударска населба, денес стана „град на духови“, прекриен со шума и напуштени згради.

На југоистокот на Абхазија, во состав на градот Ткварчели, се наоѓа Акармара, некогаш просперитетна рударска населба, а денес едно од највпечатливите напуштени места на територијата на поранешниот СССР.

Денес, овој своевиден „град на духови“ привлекува туристи и урбани истражувачи, но настанал од сосема поинакви причини.


Важен дел од рударската индустрија

Историјата на Акармара започнува во 1938 година, кога била основана рударска населба, првенствено поради експлоатацијата на јаглен потребен за советската индустрија.

Значењето на ова подрачје дополнително се зголемило за време на Втората светска војна, кога снабдувањето со јаглен станало уште поважно за СССР, откако Донбас паднал под германска окупација.

Во 1942 година, Ткварчели добил статус на град, а во неговиот состав влегле и околните рударски населби, меѓу кои и Акармара. По завршувањето на војната, во изградбата на населбата учествувале и германски воени заробеници.


Кликнете на линкот за да дознаете кое место било омилена дестинација на светските ѕвезди, а денес во него никој не живее.

Со текот на времето биле изградени бројни објекти што ѝ дале на Акармара изглед на развиено рударско место. Таму се наоѓале станбени згради, болници, училиште, кино, ресторан и хотел.

Пред распадот на Советскиот Сојуз, населбата била густо населена и претставувала важен дел од локалната рударска индустрија.

Војна, опсада и неизвесност

Во почетокот на 1990-тите години, распадот на СССР и политичките судири на Кавказ донеле големи промени. Војната во Абхазија започнала на 14 август 1992 година.

Градот Ткварчели бил под опсада 413 дена. Долготрајната блокада и прекинот на работата на рудниците за јаглен – кои претставувале основа на локалната економија – тешко го погодиле животот во ова подрачје.

Така, жителите на Акармара почнале да ги напуштаат своите домови, а населбата останувала без луѓе и без содржините што некогаш ја правеле живо место.


Со текот на времето, повеќето згради биле напуштени, а во Акармара останале да живеат само неколку семејства.

Како што минувале годините, некогашната рударска населба сè повеќе го менувала својот изглед. Без редовно одржување, објектите почнале да пропаѓаат, а вегетацијата постепено ги заземала дворовите, улиците и напуштените згради.

Спој на напуштена архитектура и природа

Дрвјата и бујната вегетација денес ги опкружуваат станбените блокови и старите јавни згради, создавајќи необична глетка поради која Акармара често се нарекува и „град на сталкери“.

Токму тој спој на напуштена архитектура и природата што полека го презема просторот станал една од причините поради кои местото го привлекло вниманието на посетителите.


Сепак, Акармара не е целосно без жители. Неколку семејства и понатаму живеат во ова подрачје, додека туристите доаѓаат за да ги истражат напуштените улици и да ги видат остатоците од некогашниот рударски живот.

Дополнителна атракција се и познатите водопади во околината, кои привлекуваат посетители желни да уживаат во природните убавини.