Американската актерка Бо Дерек го прослави својот 70-ти роденден, а нејзините обожаватели се согласија дека изгледа како воопшто да не остарела откако ја одигра својата најпозната улога во романтичната комедија „10“ од 1979 година.
Многумина се запрашале како актерката успева да го задржи својот младолик изглед, а таа открила дека има едноставна тајна – здрава исхрана и активен начин на живот.
Дерек ја одржува својата форма со пливање трипати неделно, но признала дека „мрази“ да вежба. Таа тврди дека во зачувувањето на младоликиот изглед ѝ помагаат и активности што не се сметаат за класично вежбање, односно оние при кои се троши енергија за време на извршувањето на секојдневните обврски, а не претставуваат строго дефинирана форма на физичка активност.
Актерската ѕвезда се занимава со различни активности што бараат постојано да биде на нозе – готви, носи намирници од продавница, работи во градината, си игра со деца или се движи за време на паузите на работа. Пешачењето е клучно, без разлика дали станува збор за одење пеш до продавница или за шетање на кучето.

„Мразам да вежбам и вистински експерт сум во изнаоѓање изговори за да го избегнам вежбањето. Освен пливањето, вежбам и преку извршување на домашните обврски. Животот на ранч ве одржува во форма. Всушност, чистењето на домот може да биде одличен тренинг. Не сум баш тип на човек што сака да оди во теретана“, изјавила таа за „Women’s Fitness“.
Бо исто така истакнала дека не се подложувала на естетски зафати и дека целосно ги избегнува пластичните операции. Наместо тоа, младоликиот изглед на кожата го одржува така што секојдневно нанесува крем со заштитен фактор, измешан со неколку капки течна пудра.
„Постојат одредени очекувања. Од една страна, ми оддаваат признание затоа што не сум направила затегнување на лицето, а од друга страна слушам: ’О, Боже, зошто не преземе нешто?‘ Така, човек едноставно се наоѓа помеѓу две спротивставени очекувања. Едноставно морам да останам зафатена, да имам други интереси и да се обидам да не размислувам за тоа“, изјавила таа.
Актерката го започнува денот уште во зори, хранејќи ги своите кучиња и коњи на ранчот во Санта Барбара. Потоа ужива во утринското кафе и, иако појадокот не ѝ е омилен оброк во денот, јаде овесни снегулки, варени јајца или дански палачинки.
За ручек најчесто консумира храна од растително потекло, а протеините ги внесува преку јаткасти плодови, житарки и мешунки.

Денот го завршува со вечера што ја подготвува заедно со својот сопруг, актерот Џон Корбет, а потоа ужива во парче темно чоколадо за да ја задоволи желбата за благо.
Дерек се прослави со главната улога во филмот „10“, по што преку ноќ стана секс-симбол.
Во нејзината филмографија се и филмовите „Тарзан, човекот-мајмун“ и „Болеро“. Во последните неколку години, таа се фокусирала на животот на ранчот, каде што живее со својот сопруг Корбет.
Бо и Џон ја започнале својата врска во 2002 година, откако ги запознал агентот на Џон. Корбет му кажал дека нема кого да поведе на забава по повод доделувањето на Оскарите, а неговиот агент веднаш реагирал.

Џон претходно признал дека бил многу нервозен пред да ја запознае Бо, но брзо се опуштил, а тие започнале врска набргу по доделувањето на Оскарите.
Парот тајно се венчал во 2020 година, а јавноста дозна за нивната венчавка една година подоцна, кога Џон случајно ја открил убавата вест за време на интервју.
„Се венчавме околу Божиќ. Бо и јас се венчавме. Ова веројатно е првпат да зборуваме за тоа – ние сме прилично повлечени луѓе и не дадовме никакво официјално соопштение. Сите наши пријатели и членови на семејството знаеја за тоа. Но, ова е првпат некој од нас јавно да проговори за венчавката, бидејќи всушност немавме можност за тоа.

По 20 години одлучивме да се венчаме. Не сакавме 2020 година да остане запаметена само по лоши работи … Сакавме од неа да извлечеме барем една убава работа“, изјавил тој.
Пред да го запознае Џон, Бо мислела дека никогаш повеќе нема да пронајде љубов, бидејќи во 1998 година го изгубила својот сопруг, Џон Дерек, кој починал од срцева слабост.
Сепак, Корбет веднаш ја привлекол, а актерката почувствувала „чувство на пријатност и опуштеност“, како што претходно изјавила.















